Јованоски: Од денеска на територијата на Прилеп ќе се пречистуваат отпадните урбани води!

„На мое големо задоволство денеска присуствувам на овој свечен чин на пуштање во употреба на Пречистителната станица за отпадни води во Прилеп. Со оваа инвестиција, чија реализација започна со донација од фондовите на Европската унија во 2008 година, денеска можеме со задоволство да го официјализираме почетокот на работата на еден ваква инвестиција. Општина Прилеп со оваа инвестиција исполнува дел од обврските, согласно со регулативите од Европска унија, кои што се однесуваат на заштита на животната средина и екологијата воопшто. А, бенефитите од комплексот објекти, за пречистување на урбаните, отпадни води ги ефектуираат граѓаните. Од денеска па во иднина, на територија на Општина Прилеп ќе се пречистуваат отпадните фекални води“, рече градоначалникот Илија Јованоски, денеска на свеченоста по повод ставањето во функција на пречистителната станица на урбани отпадни води.


Тоа значи дека во Црна река нема веќе да се слеваа отпадна вода со фекалии. Тоа значи дека земјоделските производи ќе се поливаат со чиста вода, дека ќе купуваме еколошки чисти производи на пазарите и земјоделците ќе може да ги извезуваат паралелно своите производи на европските пазари, затоа што ќе бидат конкуретни.

Од друга страна, пречистителната станица ќе придонесе за зачувување на био-диверзитетот,за зачувување на билошката разновидност и одржливо користење на нејзините компоненти.

Оваа е најголема и најопремена пречистителна станица во Македонија, со капацитет за 100.000 жители, што значи дека, ги задоволува критериумите за Прилеп.

Овој комплекс објекти Министерството за животна средина ќе го предава на Општина Прилеп, а Општината потоа со Одлука на Советот, ќе го даде на ЈП „Водовод и канализација“ да стопанисува со него.

За потребите на пречистителната станица се вработени нови 25 лица, едуцирани кои директно се вклучени во процесот на пречистување.

Изразувајќи благодарност до донаторот, Европската Унија, до Владата на Република Македонија, на изведувачот, честитам за успешното финиширање на овој грандиозен проект“, рече градоначалникот Јованоски, во своето обраќање на овој свечен настан, од огромно значење за здравјето на сите граѓани,за целата животна средина.