Заев: Македонија го фати европскиот чекор!

„Дозволете ми да изразам огромна благодарност во името на граѓаните на Република Македонија, за посветениот пристап и огромната поддршка, со кои што ЕУ и амбасадорот Самуел Жбогар, помагаат во инфрастуктурниот и долгорочниот развој на Република Македонија. Ова секако е голем придонес на даночните обврзници на ЕУ, кои што ги плаќаат своите даноци, а преку тоа денеска имаме ваков бенефит, отворање вакво капитално здание“, рече премиерот Зоран Заев, денеска на свеченоста по повод пуштањето во работа на новоизградениот комплекс објекти кои што ја сочинуваат пречистителната станица за пречистување на отпадните урбани води.

„Општина Прилеп со реализација на оваа инвестиција финансирана со средства од ИПА и со дополнителни буџетски средства, добива значаен инфраструктурен објект. Пречистителната станица  е една од најголемите од овој тип, која што ќе ги третира и пречистува отпадните води и ќе придонесува кон заштита и унапредување на животната средина и здравјето на луѓето. Овој е четврт проект-пречистителна станица финансирана и помогнота со средства од ЕУ. Вредноста е околу 23 милини евра, 17 милиони се од ЕУ, а 5 милиони евра се од буџетот на РМ,средства од граѓаните на Република Македонија“, потенцираше премиерот Заев.

Премиерот најави дека покрај досега изградените 4 пречистителни станици во Струмица, Кичево, Радовиш, а сега и Прилеп, се планира изградба во Битола и Тетово, но и во Штип и Велес во соработка со ЕУ.

„Само овие четири пречистителни станици се повеќе од 50 милиони евра. Дополнтиелно проектот за бек ап центарот од 11 милиони евра, заедно тоа се средства, донација од ЕУ. Владата на РМ директно соработуваше со општините во изградбата  и реализацијата на ваквите капитални проекти. Тие се од огромна важност за подобрување на квалитетот на животната средина, а со тоа и квалитетот на животот на граѓаните. Определени сме да работиме на проекти што ќе значат примена на модерни технологии, во области за третман на отпадните води,но и за преработка и рециклажа на цврстиот отпад, што значително ќе придонесе за заштита на животната средина. Со оваа станица пречистената вода ќе се враќа во градската река,со можност да се произведува био гас, од отпадните и канализационите води. Граѓаните се свесни за важноста на животната средина, и со право очекуваат од централната и локалната власт, да им овозможи чиста и здрава животна средина. Затоа сме горди кога ваквите проекти ги ставаме во функција на граѓаните.

Нашите цели полесно ќе ги постигнуваме исклучиво со взаемна соработка на институциите, и секако со нашите партнери и поддржувачи од ЕУ.Но, и преку вклученоста на граѓаните во активности коишто придонесуваат за заштита и унапредување на квалитетот на местата во кои што живееме ние, и во коишто живеат нашите деца.

Ваквиот заеднички ангажман поддржан преку помош од ЕУ, е суштински за да ги стигнеме европските стандарди, и побрзо да ја изградиме Македонија во држава според европски правила. Република Македонија ќе продолжи да учи и применува искуства од европските земји, во управување со ваков тип на врвни технологии. Интеграцијата на Република Македонија кон ЕУ,значи дека Македонија ја носиме во Европа. Ваквите иницијативи се јасен пример со којшто Европа ја носиме овде, дома кај нас, во Македонија, во убавите градови на нашата земја. Ваквите чекори јасно ја покажуваат посветеноста  и желбата на Унијата да ни помогне во проекти, кои што имаат за цел да обезбедат долгорочен развој и подигнување на стандардот на живот на граѓаните.

На самиот крај дозволете ми на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на вработените во ЈКП „Водовод и канализација“, како и на советниците од Советот да им посакам успешно менаџирање и работа со пречистителната станица. Сакам да се заблагодарам и на бугарската фирма која што ја неполна година, го финишира овој проект, искрено сме ви благодарни. Сакам да се заблагодарам и на претходната локална власт којашто го почна овој проект и на претходната фирма која што работеше, на успешното и брзо завршување на овој проект од новата локална самоуправа, што покажува дека Македонија го фати европскиот чекор. Република Македонија е тргната на европскиот пат, поддршката од граѓаните ќе продолжи,да ја водиме земјата напред“, рече премиер Заев денеска во Прилеп.