Макрадули: Заштитата на животната средина е наш предизвик на патот кон ЕУ!

„Кога пред една година дојдов на работа во Министерството за животна средина, најгорлива работа со којашто се сретнав беше пречистителната станица во Прилеп. Куп документи, многу работа, неизвесност… И денеска кога сме сведоци на нејзината реализација, длабоко сум убеден дека целиот процес околу овој проект, ни ги покажа правците околу кои треба да градиме поинаков пристап во третирањето на ИПА проектите, како да ги приоритизираме активностите, како посветено да работиме, како да се промениме, да сфатиме дека мора да вложиме да ги зачуваме човечките ресурси, како на централно, така и на локално ниво. Затоа во име на Министерството и мое лично име би сакал да го споделам со вас, огромното задоволство и среќа, што денеска официјално се пушта во употреба пречистителната станица за отпадни води во Општина Прилеп“, рече заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, денеска во Прилеп.


Како што рече Макрадули со вакви проекти „демонстрираме цврста решеност во заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Јас сум свесен дека заштитата на животната средина ќе биде наш вистински предизвик на нашиот трасиран пат кон ЕУ, предизвик којшто што да бидам искрен се уште се бори на пиедесталот наречен реформи“, истакна Макрадули.