ЈОВАНОСКИ: Како спортски ветерани, вештините да им ги предадете на младите спортисти!

Здружение на спортски ветерани е формирано на денешната средба на истакнатите поранешни спортисти и спортски работници од Прилеп. На нивниот прв конститутивен состанок што се одржа во ОУ „Кочо Рацин“ во градот, тие го поканија и градоначалникот Илија Јованоски. Тој им ја изрази поддршката и им порача, да бидат вечна потпора на младите генерации на спортски Прилеп.

„Оваа е прва конститутивна средба на спортистите ветерани. Задоволство ми е особено, што бев присутен на оваа основачка средба. Меѓу нив се одбојкари, кошаркари, фудбалери,ракометари, џудисти, каратисти, гимнастичари, новинари … оваа нивна активност ќе даде нов импут во спортскиот живот во Прилеп. Ќе дадам максимална поддршка и финансиска на ова здружение, во рамките на можностите што ги дава општинскиот буџет,зашто значаен е нивниот придонес за развојот на спортот во градот.Затоа им порачувам посветено да ги пренесуваат нивните искуства, знаења и вештини на младите спортисти за да отвори Прилеп нова страница на спортот, на која ќе се бележат успеси“, истакна градоначалникот Јованоски.

Здружение на спортски ветерани, Прилеп, мај 2018

Според пензионираниот професор по физичко образование во гимназијата „Мирче Ацев“, Трајче Зуљамоски,оваа прва конститутивна средба практично се одржа на иницијатива на професорот Насе Кондовски од Скопје, советник по предметот физичко воспитување и автор на многу дела.

„Неговата беше иницијативата, јас ги контактирав колегите, пријателите и во иднина и во Прилеп ќе функционира Здружение на спортски ветерани на Прилеп. Во здружението ќе членуваат ветерани од сите спортови. Во сите градови веќе има вакви здруженија. Сега веќе и ние ќе може да се зачлениме во спортската федерација на Македонија. Се надеваме дека и како прилепчани и како здружение, ќе дадеме свој придонес во развојот на спортот и во Федерацијата и во Македонија. Откако ќе ја разгледаме Програмата, сигурно дека ќе имаме и други активности за кои што јавноста ќе биде навреме информирана“, акцентираше професорот Зуљамоски.

Спортските ветерани за претседател го избраа Глигор Локвенец, а за секретар, Владо Мирчески, инаку и двајцата истакнати одбојкари. Здраво Тодороски е избран за благајник, а други членови на Управниот одбор се Мирјана Ангелкоска,Тони Стевананџија, Киро Здравески и Пеце Локвенец.