ЈКП „Комуналец“ започна со есенско кастрење и сечење на проблематичните дрвја

ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, започна со кастрење на дрвјата низ парковите, а ќе се продолжи и со есенско кастрење на дрвјата по дрворедите.

Воедно, ќе се работи и на целосно сечење на стари проблематични дрвја по проценка и решение издадено од Комисијата за сечење на дрвја по јавно прометните површини.

Кастрењето и сечењето на дрвјата се долготрајни процеси и спаѓаат меѓу потешките операции кои ги извршува ЈКП „Комуналец“. Од тие причини, од јавното комунално претпријатие ги замолуваат граѓаните да имаат разбирање, а посебно возачите да бидат трпеливи и да не ги паркираат автомобилите доколку забележат дека на местото ќе се работи на кастрење или на сечење проблематични дрвја.

ЈКП „Комуналец“ одржува 3.415 листопадни дрвја, 1.070 зимзелени дрвја и 844 нискостеблести зимзелени украсни растенија.

Истовремено, ЈКП „Комуналец“ привршува со активностите за уредување на детскиот парк во Паркот на револуцијата. Се доработуваат детските базени кои се полнат со ситна просена песок за игра на најмладите, а воедно околу детските реквизити се поставува песок и се анкерисуваат реквизитите за да не дојде до несакани последици при нивното користење од страна на најмладите.