Импровизиран напад на Прилеп и јубилеен настап на „Ѕвездички“, во рамки на редуцираната програма за одбележување на 11.Октомври

Согласно Владиниот протокол за одбележување државни празници, во рамки на прославата на празникот 11.Октомври вечерва беше организиран импровизираниот напад на Участокот, а беа изоставени традиционалниот огномет и културната програма на градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“, се’ со цел заштита на здравјето на граѓаните и избегнување на масовни собири во услови на пандемија со Ковид-19.

Како дел од празничната програма, а согласно протоколите за одржување настани во затворен простор, со редуциран број на гледачи и учесници во големата сала во ЦК „Марко Цепенков“ вечерва се одржа и дваесетиот јубилеен Интернационален детски музички фестивал „Ѕвездички“ на кој, покрај учесниците од државата, свои музички настапи имаа и изведувачи до 14 годишна возраст од Русија, Албанија, Хрватска и Црна Гора.

„Дозволете на почетокот да ве поздравам сите вас присутните, да ги поздравам учесниците и организаторот на Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“, музички настан кој годинава слави јубилеј, 20 години од своето постоење. Посебно би сакал да ги поздравам нашите драги пријатели од општина Куманово, предводени од градоначалникот Максим Димитриевски, кои се наши гости на годинешното одбележување на Денот на народното востание, 11.Октомври. Токму овој светол датум од нашата историја,11 октомври 1941 година, е од особено значење за Прилеп и Куманово, како два града каде започнал вооружениот отпор против фашистичкиот окупатор, а од тие причини во 2018 година започнавме со заедничко одбележување на празникот. За жал, годинава, кога се навршуваат 79 години од почетокот на антифашистичката борба, празникот го одбележуваме во една нова реалност, нова нормалност, која сите ние мора да ја живееме – пандемијата со вирусот Ковид-19. Тоа подразбира носење на заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовна дезинфекција и протоколи кои сите мораме да ги почитуваме. Во такви вонредни услови, се одржува и годинешниот Интернационален музички фестивал „Ѕвездички“. Но, она што е најважно, е дека и покрај пандемијата, овој музички настан продолжува да живее, продолжуваат прекрасните музички изведби на најмладите, кои ни даваат позитивна енергија на сите нас“, истакна градоначалникот Јованоски во своето обраќање на фестивалот „Ѕвездички“.

Во годините наназад, на детскиот фестивал продефилираа учесници од Аргентина, па се’ до Кина, а најдобрите наши изведувачи достојно ја претставуваа земјата на најголемите фестивали низ светот, потенцираше Јованоски.

Честитајќи им го празникот 11.Октомври и посакувајќи им уште многу успеси на учесниците и организаторот на фестивалот, првиот човек на општината истакна дека сите се гордееме со фактот што овој интернационален музички настан се случува токму во Прилеп.

Редуцираната програма за одбележување на Денот на народното востание продолжува рано изутрина, со полагање на свежо на спомениците на Методија

Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на народните херои, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.

Во 12 часот, во месноста „Топташ“ ќе се одржи велоспидескиот натпревара „Топташ даунхил куп“, а во 17 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи детскиот музички фестивал „Весели ѕвончиња“.