Градоначалникот Јованоски со апел до компаниите: Следете го примерот на „Гифти Текс“, покажете општествена одговорност

Согласно препораките на Владата и Министерството за здравство за преземање мерки за заштита на граѓаните од Ковид 19, односно коронавирусот, Општина Прилеп презема повеќе мерки и активности.

Континуирано се врши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, Домот за стари лица, улиците, плочниците и останатите јавни површини од централното градско подрачје. Денеска и во следните денови, продолжува дезинфекцијата на сите влезови во градот, просторот пред Здравствен дом, Општата болницата и Центарот за јавно здравје.

Покрај тоа, како што истакна на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски, со полн капацитет функционираат и мобилните тимови од Општината, кои на старите, болни и изнемоштени граѓани, им помагаат со набавка на храна, лекови и други неопходни средства.

„Од денеска, за оваа намена ја ставаме во функција и зелената бесплатна телефонска линија, со број 08000 210. Истовремено, во функција се ставени три дополнителни тимови од Здравствениот дом, кои ќе вршат домашна посета. Истовремено, сакам да упатам благодарност до OВР-Прилеп, за нивниот придонес во справувањето со пандемијата на коронавирусот, преку засилените контроли на автомобилите кои од другите општини влегуваат во Прилеп. Сакам да ја информирам јавноста, дека до денеска нема ниту еден заболен од коронавирус во нашата општина, а во овој момент во самоизолација се наоѓаат 76 лица, на кои полицијата им врши секојдневна контрола. На четворица од нив, кои не ги почитувале препораките од надлежните институции, поднесени им се кривични пријави. Затоа, во оваа прилика уште еднаш упатувам апел до сите наши сограѓани, да ги почитуваат мерките и препораките од Владата и Министеството за здравство, да не ги напуштаат своите домови, а граѓаните од најранливите категории ги охрабрувам да ја користат помошта на мобилните тимови“, рече на денешната прес конференција градоначалникот Јованоски.

Јованоски напомена дека локалната самоуправа ја засилува соработката со ОО на Црвениот крст и истовремено упати апел до фирмите од градот кои со своето работење остваруваат профит, кои произведуваат и дистрибуираат прехранбени производи и дезинфекциони средства, да покажат општествена одговорност и преку Црвениот крст, да имдонираат од овие артикли на социјално загрозените групи на граѓани.

Градоначалникот им се заблагодари на „Гифти Текс“, „Комфи Ангел“, „Кули“ „Фешн Линк“, како и на битолската компанија SMJ Clean Service, кои со свои производи, заштитни маски, скафандери и средства за дезинфекција, помагаат во справувањето со коронавирусот на територија на општина Прилеп.

„Ја користам оваа прилика уште еднаш да им се заблагодарам на нашите компании и општествено одговорните лица, како што е Горан Илијоски од ‘Гифти Текс’, кој во името на фирмата се понуди да изработи и да донира заштитни маски за сите наши сограѓани. Денеска веќе се испорачани околу 1.000 маски, кои ќе ги распределиме по приоритети. Секој ден ќе се изработуваат и бесплатно ќе се распределуват се’ поголем број на заштитни маски“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Сопственикот на „Гифти Текс“, Горан Илијоски рече дека пожртвуваноста на медицинскиот персонал од целата држава, бил главниот мотив за носењето одлука за изработка и донирање на заштитни маски.

„Мојата иницијатива дадена преку социјалните мрежи веднаш беше прочитана и само чекав да се јават авторитетите. Прв се јави градоначалникот Јованоски. За да произведеме маски, знаевме кои материјали ни се потребни, немавме проблем или дилема дали се тие токсични. Напротив, го имаме потребниот сертификат, но регулативите во нашата држава бараат сите испитувања да се извршат кај нас. Поради тоа, заедно со градоначалникот побаравме од Министерството за здравство, од самиот министер, од премиерот, да кажат мислење и да ни дадат потврда дека можеме да почнеме со работа. За тоа, за да почнеме со производство, последен услов беше стерилизацијата на маските, која се врши во прилепската болница. Луѓето кои работат таму се прекрасни и повторно им упатувам едно големо ‘благодарам’ до целиот медицински персонал во нашата земја“, изјави Илијоски.

Во моментов фирмата располага со материјал за изработка на 100.000 маски, но доколку побарувачката биде голема, „Гифти Текс“ заедно со „Кули“ и „Фешн линк“ се спремни да изработат онолку маски колку што ќе бидат потребни.

Инаку, „Гифти Текс“ е специјализирано претпријатие за изработка на заштитници за јоги, што кажува дека материјалот од кој се изработуваат маските е антибактериски, потврден од многу еминентни компании во светот.

Општинската организација на „Црвениот крст“ од Прилеп веќе ги мобилизира своите волонтери, подготвени се тимови кои ќе вршат дистрибуција на храна и лекови на семејства кои се во самоизолација, а кои спаѓаат во категоријата со социјален ризик.

„Доколку имаме соодветен одговор од корпоративниот сектор, активност која градоначалникот ја спомена, стоиме на располагање во соработка со Центарот за социјални грижи, да извршиме дистрибуција и до најранливата категорија на социјални семејства. Во овој момент, тие капацитети се многу слаби, се’ што имаме како залиха на храна е за лицата кои се во самоизолација, но во социјален ризик“, нагласи Катерина Кочоска, секретар на ОО на „Црвениот крст“-Прилеп.

Телефонската линија на ОО на „Црвениот крст“- Прилеп за медицинска и психосоцијална поддршка на граѓаните, со цел да се намали паниката и да му се помогне на здравствениот систем, е 048 424 710 и тој е во функција од 10.00 до 14.00 часот.