Едукативна соработка за изучување на кинеската култура и јазик

Дел од прилепски основци и средношколци, како и наставници, оние кои имаат афинитети за изучување на јазици, доброволно, ќе имаат можност да го изучуваат кинескиот јазик, кинеската култура и обичаи.
Ова, благодарение на воспоставената соработка на Општина Прилеп со амбасадата на Република Кина и Институтот за кинески јазик „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ – Скопје.


Претставници од Институтот за кинески јазик „Конфуциј“ деновиве ја посетија Општината и имаа средба со директорите од основните и средните општински училишта, советникот за образование при ЛС, како и со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, на кои им ги пренесоа можностите и идејата за едукативна соработка. Воедно, двете страни веќе имаат потпишано и Меморандум за соработка, преку кој се изразува подготвеност за взаемна помош и поддршка во користење на кадровските и стручните можности од двете страни.

„Соработката ќе се состои од помош и поддршка во изучувањето на кинескиот јазик, култура и обичаи. Дел од прилепски ученици и наставници кои сакаат да ги збогатат своите јазични знаења и да научат за источната култура, ќе можат да ја искористат оваа ретка можност да се запознаат со различен јазик од европската група на јазици, со кој секојдневно се среќаваат, да дознаат повеќе за источната, кинеска култура и обичаи, а познавањето на странски јазик е големо богатство за секој човек. Ние како Општина преку оваа соработка нудиме стручни и просторни можности, а нашата соработка ќе се одвива преку едукативни активности, организирање на културни настани, семинари, работилници во кои што ќе бидат вклучени нашите ученици и наставници од општинските училишта. “ рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Дека соработката со кинескиот народ е подолгорочна, говори и фактот што Општина Прилеп пред десетина години се збратими со кинескиот град Дејанг, од кинеската провинција Си Чуан, за остварување на економска соаботка. За време на пандемијата, од збратимениот кинески град општината доби донација од 200 заштитни одела како помош од кинескиот народ, а со кинеска донација од близу 300.000 евра, добиени од кинеската Влада ООУ “Гоце Делчев” беше комплетно реновирано.