Делегација на босанско-херцеговскиот град Сараево, во посета на Општина Прилеп

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски денеска во својот кабинет ја прими делегацијата на Сараево, Босна и Херцеговина, предводена од претседавачот на Совет на Град Сараево, Игор Гавриќ.

На средбата на која присуствуваше и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски се разговараше за иницијативата на амбасадорката на Босна и Херцеговина во нашата земја, Лепа Бабиќ за збратимување на Прилеп со Ново Сараево, една од руралните општини во Град Сараево.

За таа цел, беше договорено Советот на општина Прилеп на првата следна седница да даде „зелено светло“ за писмото на намери за збратимување на двата града, кое потоа ќе биде испратено на одобрување до Советот на Град Сараево, односно Ново Сараево.

Збратимувањето Прилеп и Ново Сараево, како што беше потенцирано на денешната средба, ќе придонесе за отворање на перспективите за економска, културна и друга соработка помеѓу двете општини.

За време на престојот во Прилеп, делегацијата од Сараево го посети Музејот за тутун, археолошката поставка во Завод и Музеј – Прилеп, манастирот „Св.Архангел Михаил“, како и неколку стопански субјекти во градот.