Честитка од градоначалникот Илија Јованоски по повод Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј

Поставувајќи ги темелите на писменоста на словенските народи, Светите браќа Кирил и Методиј направија дело кое има непроценливо значење и подеднаква важност како за македонската историја и култура, така и за европското и светското културно и духовно наследство.

За цивилизацискиот придонес на Светите Апостоли Кирил и Методиј, говори и тоа дека се прогласени за заштитници на Европа. Нивната благородна животна мисија, исполнета со просвета, непресушна вера и човекољубие, претставува нераскинлив дел од идентитетот и посебноста на македонскиот народ.

Оддавајќи им почит на словенските просветители, на нивната обединувачка и безвременска визија за поврзување на различните култури преку пишаниот збор, ги потврдуваме нашите заложби за изградба на рамноправно и хумано општество, во кое длабоко се почитуваат меѓусебните различности.

Благодетите од нивното епохално дело и вредностите со кои не’ благословија Светите браќа Кирил и Методиј, остануваат вечна инспирација за нови научни и духовни издигнувања на македонскиот народ.

Нека ни е честит и вековит Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.