„Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење“ во Прилеп!

0

Денеска и официјално беше отворен Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење, простор кој ќе обезбеди грижа, поддршка, дружење и поквалитетно секојдневие за повозрасните граѓани.

Со ставањето во функција на овој значаен проект, Општина Прилеп продолжува со вложувањата во развојот на современи, достапни и квалитетни социјални услуги, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

Центарот е создаден со цел на повозрасните лица да им овозможи активно исполнување на секојдневието преку дружење, социјализација, едукативни, културни и рекреативни активности, како и психосоцијална поддршка и грижа од стручен тим.

„Нашите повозрасни сограѓани заслужуваат внимание, почит и достоинствен живот. Тие ги поставија темелите врз кои денес го градиме нашето општество и наша обврска е да создадеме услови во кои ќе имаат квалитетен живот, поддршка и можност активно да бидат дел од заедницата. Инвестицијата во луѓето секогаш е највредната инвестиција“, истакна денеска градоначалникот Проданоски.

Особено значајно е што Центарот нема да биде придобивка само за граѓаните на Прилеп, туку ќе обезбедува услуги и за повозрасните жители од општините Кривогаштани и Долнени, што претставува уште една потврда дека добрата меѓуопштинска соработка носи конкретни резултати и придобивки за целиот регион.

Центарот располага со капацитет за максимум 48 корисници, а сите заинтересирани граѓани можат да се пријавуваат и да аплицираат преку Центарот за социјални работи – Прилеп.

Реализацијата на овој значаен проект е резултат на заедничка работа, посветеност и партнерство. Благодарност до Министерството за социјална политика, демографија и млади за поддршката и довербата, како и до Светска банка, која преку Проектот за подобрување на социјалните услуги овозможи реализација на оваа значајна инвестиција.

Благодарност и до Центарот за развој и едукација – Прилеп, кој ќе го води и координира проектот, како и до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Прилеп, општините Кривогаштани и Долнени, стручните служби, администрацијата, изведувачите и сите институции и лица кои придонесоа оваа идеја денес да стане реалност.

Општина Прилеп, покрај обезбедувањето на просторот и улогата на домаќин на проектот, даде и сопствен придонес преку кофинансирање, потврдувајќи дека инвестицијата во луѓето е највредната инвестиција за секоја локална самоуправа.

Нека Центарот успешно им служи на граѓаните уште многу години!