Во просториите на Општина Прилеп, се одржа координативен состанок со претставници на сите надлежни институции и служби вклучени во системот за заштита и спасување, со цел координација во однос на пожарите на отворено и зголемените ризици што ги носат високите летни температури. На состанокот беа разгледани мерките и активностите што секоја институција ќе ги презема во рамки на своите надлежности, како и можностите за унапредување на меѓусебната комуникација и координација при евентуални интервенции на терен.
Посебен акцент беше ставен на раната детекција на пожари, брзата реакција на службите, превентивните активности во ризичните подрачја и подготвеноста на сите расположливи ресурси за навремено справување со можни пожарни ситуации. На состанокот беше истакната важноста од навремената размена на информации и заедничкото дејствување, особено во период кога високите температури, сушата и ветерот значително го зголемуваат ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор. Беше нагласено дека превенцијата останува најважниот сегмент во заштитата од пожари и дека покрај институционалната подготвеност, клучна улога има и одговорното однесување на граѓаните. Градоначалникот на Прилеп, потсети на почитување на на одлуката која важи од утре 1 јули за целосна забрана за движење во шумите и која ќе важи до 31 август. Забраната, се воведува поради зголемената опасност од појава и ширење на пожари на отворен простор за временскиот период во терминот од 00.00 до 24.00 часот. Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми”, за подрачјето со кое стопанисува и управува ова претпријатие. Движењето го регулираат вработените од ЈП „Национални шуми”, шумската, граничната полиција и останатите припадници на МВР.
Во последниот месец ТППЕ- Прилеп интервенирала 30 пати на пожари на отворено кои биле брзо локализирани. Во периодот што следува, сите надлежни институции остануваат во состојба на зголемена подготвеност, а граѓаните се повикуваат со своето одговорно однесување да придонесат за намалување на ризикот од појава и ширење на пожари на подрачјето на општина Прилеп.

