40 години Мариовско-мегленски културни средби

0

Во прекрасниот амбиент на манастирот „Св. Илија“ во Мариово, се одбележа големиот јубилеј – 40 години Мариовско-мегленски културни средби.
Оваа манифестација веќе четири децении ја негува традицијата, културата и идентитетот на Мариово.
Градоначалникот на општина Прилеп Дејан Проданоски заедно со пратениците од Прилеп во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на Општина Прилеп, директори на јавните институции, претставници на јавниот и општествениот живот, како и бројните жители и гости од Мариово и од пелагонискиот регион, беа присутни на овој значаен јубилеј, од каде што се испрати јасна порака дека нашето културно наследство е богатство што сме должни да го чуваме и да го пренесеме на идните генерации.
,,Мариово отсекогаш било симбол на истрајност, достоинство и непокорен дух. Токму затоа овие средби имаат голема вредност, тие нè потсетуваат на нашите корени, го чуваат споменот на нашите предци и ја одржуваат жива македонската песна, орото, народната носија и обичаите што нè прават препознатливи.
Како локална самоуправа, остануваме посветени на поддршката на ваквите манифестации, на зачувувањето на културното наследство, развојот на руралниот туризам и афирмацијата на Мариово како едно од највредните природни и културни богатства на Македонија. Верувам дека токму преку вакви настани создаваме нови можности за развој и ја зацврстуваме врската со нашето богато историско и културно наследство.
Упатувам искрена благодарност до претседателот на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“, Стојан Ѓуровски, како и до културно-уметничките друштва, сите учесници, волонтери и поддржувачи кои веќе 40 години со огромна посветеност ја одржуваат жива оваа прекрасна традиција. Благодарение на нивната работа и љубов кон Мариово, оваа манифестација денес е еден од најзначајните културни настани во нашиот регион.“ – истакна градоначалникот Проданоски во своето обраќање пред присутните.
Нека продолжат овие средби уште многу децении да ги обединуваат луѓето околу македонската традиција, песна, оро и вредностите што со гордост им ги пренесуваме на младите генерации.