Жителите на прилепската населба Варош и градоначалникот Јованоски, заедно го одбележаа Голем Петок

Жителите од најстарата прилепска населба Варош, денеска го одбележаа
христијанскиот празник Голем Петок – Балаклија, празник кој се чествува секој прв
петок после Велигден и кој е домашна слава на многу семејства.

По тој повод, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски заедно со министерот
за транспорт и врски Горан Сугарески, пратеничката Кети Смилеска и
претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски, ја посетија населбата и
остварија средба со жителите на Варош.

Честитајќи им го празникот, градоначалникот Јованоски истакна дека овој ден е од
големо значење за жителите на Варош, кои во духот на традицијата го
прославуваат со празнична трпеза. Тој напомена дека овој ден меѓу жителите на
населбата е познат и како „Излечив Петок“, бидејќи постои верување дека доколку
ова утро ги измијат рацете и лицето, тоа ќе им донесе излекување од сите
болести.

 

„Кога ќе се пробудат ова утро, граѓаните одат на првата чешма да ги измијат
рацете и лицето, затоа што постои верување дека ќе ги излечат раните и
болестите кои што ги имаат. Овој празник има долга традиција во Варош и оваа
прилика ја користам на сите жители од оваа населба да им го честитам Голем
Петок и да им посакам пред се’ добро здравје, среќа, радост, успех и
благосостојба“, изјави Јованоски.

Градоначалникот Јованоски, министерот Сугарески, пратеничката Смилеска и
претседателот на Совет Талевски, го посетија и манастирот „Св.Архангел Михаил“
и манастирската црква.