„Заедно да растеме“ од Филип Димкоски промовирана во Прилеп

Книгата за деца „Заедно да растеме“ чиј автор е нашиот сограѓанин Филип
Димкоски денеска е промовирана во Прилеп. Организатор на овој настан е
ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп, каде што Димкоски го заврши
основното образование. Книгата наиде на одличен прием на љубителите на
пишаниот збор и педагозите од сите основни училишта во Прилеп.

Овој собир на вљубеници на културата и пишаниот збор го поздрави и
градоначалникот Илија Јованоски. Честитајќи му на Димкоски, којшто е еден
од најчесто наградуваните млади автори на конкурси во Македонија и
пошироко,градоначалникот Јованоски му посака уште многу успешни дела
во иднина.

Промоторот на книгата, Горјан Петревски му прогнозира на Димкоски
блескава поетска кариера.

„Македонската литература за деца и млади е многу сиромашна со нови
автори. Сето тоа е алармантно.Со години нема име кое што ќе внесе нов
момент во оваа литература. Појавата на Филип Димкоски во многу нешта,
токму тоа значи. Оваа е книга во два циклуса, во двата Филип на свој начин
се надминува себе си, го надминува и оној стереотип којшто досега е познат
кај нас во литературата и верувам дека неговиот òд, по таа нагорна линија ќе
продолжи. Тој е сега на почеток и сигурен сум дека доправа ќе се раскрили,
затоа што има што да каже. Влегува со еден модерен приод кон таа
литература, знае и сценски да ја искаже, и мисловно, значи добиваме еден
комплетен автор за кого веруваме дека доправа ќе се слуша. Јас тоа и го
посакувам“, истакна промоторот Горјан Петревски.

Книгата е наменета за децата од преучилишна и од училишна возраст. Ги
опфаќа темите од екологијата, здравата исхрана, другарувањето со посебен
акцент на овошјата и зеленчуците, коишто се ретки или малку користени во
нашата исхрана. Целта е децата да се мотивираат не само да конзумираат
здрава храна, туку да сакаат да произведуваат и едноставно да другаруваат со
природата и сè она што значи, природа.

„Реализиравме е иновативен час и демонстриравме како оваа книга се
имплементира во наставата. Оваа книга беше промовирана во повеќе градови
во Македонија, а добитник е и на наградата на фестивалот ‘Денови на
пријатели на книгата во Риека’, наградата на просветни работници и
литературни творци, а промовирана е и во Србија на Саемот на книгата,како
и во многу училишта во оваа држава“, вели авторот Димкоски.

Книгата „Заедно да растеме“ излезе од печат годинава во издание на
„Академски печат“ од Скопје.