За нормално водоснабдување обезбедени се дополнителни количества вода од бунарите

Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп, денеска се интензивно ангажирани на терен, поради честите дефекти предизвикани од ниските температури. Од друга страна краткотрајниот недостигот од вода е решен со ставање во функција на дел од бунарите, од каде што се обезбедени дополнителни 65 литри во секунда.

„Со овие количества и количествата што ги добиваме од РЈП ‘Студенчица’, за Прилеп на располагање се околу 300 литри во секунда. Водена криза нема, граѓаните не треба да стравуваат. Недостигот денеска се појави и поради намалената издашност од Студенчица, што пак се должи на ектремно ниските температури, смрзнатата снежна покривка на изворот“, вели Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп.

Од РЈП „Студенчица“ истакнуваат дека попландево за Прилеп се обезбедени дополнителни количества вода, на сметка на Кичево, Осломеј и Норово.

„За Прилеп дистрибуиравме околу 150 литри изутринава, но со оглед на состојбите и недостигот веке се пренасочени дополнителни количества. Причина за оваа состојба е фактот што од септември нема врнежи кај изворот. Освен тоа,снежната покривка горе кај изворот е смрзната. Таму дневната температура едвај достигнува до -3 степени,а ноќната паѓа и до – 10 степени“, вели Урим Ахмеди, директор на РЈП „Студенчица“.

Од ЈКП „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните да не ги отвораат славините отворени, за да нема губење на потребните количества вода и не прават домашни залихи, бидејќи водена криза нема.

„Викенд е, празници, од друга страна се појавија многу дефекти, а и се намали дарежливоста на изворот. Се ова денеска резултираше со еден краткотраен недостиг од вода, што се почувствува во повисоките зони од градот. Нема потреба од паника, вода има“, категоричен е директорот Јанески.