Воспоставени политички и бизнис релации со истанбулската општина Бајрампаша

Делегација на Општина Прилеп, предводена од претседателот на Советот,
Миле Талевски, а во прудружба на прилепскиот пратеник Хари Локвенец
воспостави општество-политички, бизнис и културни релации со Општина
Бајрампаша во Инстанбул.

На покана на домаќините прилепската делегација во рамките на својот
тридневен престој, оствари средба со градоначалникот на Општина
Бајрампаша, Атила Ајдинер, со директорот на ОУ „Јахија Кемал“ и средби со
претставници од бизнис заедницата.

„Имавме пријателски пречек од градоначалникот г-дин Ајдинер, разменивме
низа информации коишто ќе бидат од огромно значење за натамошните
релации на ниво на општини. Но, морам да го изразам моето задоволство од
интересот на турските бизнисмени за инвестирање и воспоставување на
трговски релации со нашата општина, а особено со акцент на инвестирање во
селото Канатларци,што е населено со голем број граѓани од турска
националност“, изјави претседателот на Советот, Талевски.

„Импресиониран сум од приемот на градоначалникот на општина
Бајрампаша, од неговиот интерес за соработка со Општина Прилеп. Очекуваме вистинска и плодна соработка со оваа општина од 2 милиона жители. Мојата посета е во името на градоначаникот Илија Јованоски. Имам прекрасни спомени, многу
верба дека ќе се воспостави квалитетна обострана соработка, која што ќе се
дефинира, верувам поблиску при нивната возвратна посета. А, над се, сакам да
ја потенцирам емоцијата што нашите домаќини ја негуваат за Македонија.
‘Убава е Турција, но најубава е Македонија. Овде имаме куќи, ама во
Македонија е наш дом’. Вака не’ пречекаа и испратија нашите домаќини, иселениците од прилепскиот регион во Турција“,вели пратеникот Локвенец.

Позитивни впечатоци од посетата на Турција има и Бајрам Јусуфоски, в.д.
директор на ОУ „Кирил и Методиј“ од Канатларци.

„Во Бајрампаша го посетивме ОУ „Јахја Кемал“, во кое настава посетуваат
1.900 ученици, од кои најмалку 30% имаат потекло од Прилеп и Канатларци.
Тоа беше главната причина поради која од нивна страна е покрената
иницијатива за збратимување на двете училишта. Исто така, добивме покана
на 23 април, кога во Турција се слави ‘Денот на децата’, дваесетина ученици и
наставници од нашето училиште, да престојуваат во Бајрампаша, односно во
ОУ ‘Јахја Кемал’, истакнува Јусуфоски.

Според најавите наскоро се очекува возвратна посета на делегација од
инстанбулската општина Бајрампаша, предводена од градоначалникот
Ајдинер.

Во рамките на престојот прилепската делагација оствари средба и со
Здружението на прилепчани што живеат во Истанбул.

Инаку, сите трошоци за посетата на прилепската делегација на Општина
Бајрампаша, ги покриваат домаќините во Турција.