Во рамки на европската недела на спортот, во Прилеп одржана презентација на џудото

Во организација на Агенцијата за млади и спорт и џудо клубот „Сеишин“, а по повод европската недела на спортот, денеска на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп се одржа презентација на џудо спортот.

Градоначалникот Илија Јованоски, рече дека локалната самоуправа секогаш ќе биде на страната на спортистите и ќе ги помага спортските клубови од општина Прилеп.

„Како локална самоуправа и јас како градоначалник, секогаш ќе го поддржуваме било кој спорт, меѓу кои и џудото. Секогаш ќе бидеме заинтересирани да им помогнеме и финансиски и да им дадеме било каква поддршка на сите наши клубови и спортисти, како досега така и во иднина“, изјави градоначалникот Јованоски.

Претседателот на џудо клубот „Сеишин“, Дејан Ширкоски, истакна дека презентацијата се организира со помош на Општина Прилеп и Агенцијата за млади и спорт, која е технички покровител на настанот.

„Во европската недела на спортот која се организира под мотото ‘Биди активен’, нашиот клуб зеде активно учество со кратка презентација. Џудото во Прилеп е меѓу најпопуларните спортови. Во градот има 5 клубови, а во нашиот клуб „Сеишин“ членуваат 80 натпреварувачи до 18 годишна возраст и 20 возрасни членови, а исто така имаме и една група од 16 ветерани над 50 годишна возраст“, потенцираше Ширкоски.

Џудо клубот „Сеишин“ одбележува 15 години од своето постоење и во тој период има освоено голем број награди на разни домашни и меѓународни натпреварувања.