По седми пат ќе се одржи меѓународниот натпревар во ориентација „Пеце Атанасоски“

Од 27 до 30 овој месец, Прилеп ќе биде домаќин на седмиот по ред меморијален меѓународен натпревар во ориентација „Пеце Атанасоски“. На овој натпревар се пријавени околу 150 учесници, од 11 европски држави. Организатор на оваа манифестација е ориентациониот клуб „Златоврв“ од Прилеп, со поддршка на Општина Прилеп.

Првата дистанца, односно спринт дистанцата ќе се одржи на 27 септември во 18 часот пред Градскиот саат. На 28 септември во близина на вештачкото езеро ќе се одржи средната дистанца. Саботата е предвидена исто така, за уште една средна дистанца во село Селцеа, а последниот ден е резервиран за долгата дистанца што почнува кај манастирот „Свети Димитрија“ во Селце.

„Натпреварувачите што се занимаваат со ориентација потребно е да имаат компас, електронски чип што се носи на прстот, со којшто се чекираат поминатите точки и мапа којашто, секој натпреварувач ја добива на стартот од трката. Мапите не се знаат претходно, на нив е обележана патеката којашто секој натпреварувач мора да ја помине, редоследно. Секој натпреварувач треба да го најде најбрзиот пат, од една до друга контролна точка. Преку чипот знеме секој натпреварувач, каде се наоѓа во моментот и колку време му е потребно да стигне од едно место до друго. Победник е оној, што ја поминал патеката за најбрзо време и ги има заверено сите контролни точки на чипот“ вели Мери Чкрипеска, претседател на ОК „Златоврв“ од Прилеп.

Организаторите, посочуваат дека за годинешниот меѓународен натпревар во ориентација „Пеце Атанасоски“ имаат посветено поголемо внимание на неговата промоција.

„Оваа година обрнавме големо внимание на промоцијата на овој спорт. Ги вклучивме основните и средните училишта од градот кои ќе учествуваат со нивни претставници, претставници на фирмите. Сакаме да го популаризираме спортот и да им пренесеме на граѓаните дека овој е спорт за сите“, истакна Чкрипеска.

Ориентацијата како спорт потекнува од Скандинавија. Наменет е за оние, што ја сакаат природата и за разлика од другите спортови, во овој нема возрасна граница, со него може да се занимаваат и дечиња од 4 или 5 годишна возраст, и граѓани што имаат дури и по 90 години.

Настанот е голем промотор на ориентацијата во земјата и ги едуцира луѓето за важноста да се биде во природата, да се практикува и да се има здрав начин на живот. Прилеп е центар на Балканот, за развој на алтернативниот спортски туризам. Освен ориентацијата во Прилеп се одржува натпревар во болдеринг, параглајдинг, мото крос трки, планински велосипедизам, планински ултра маратон, трофи со џипови и други спортски настани коишто се повеќе го привлекуваат вниманието на љубителите на спортот ширум светот.