Во Прилеп се одржа работилница за подготовка на Стратегии за локален економски развој

0

Во Општина Прилеп се одржа работилница на која присуствуваа претставници од 10 општини а беше посветена на подготовката на стратешки документи за локален економски развој, во рамки на поддршката што Ресурсниот центар и Министерството за локална самоуправа ја обезбедуваат за општините во процесот на изработка на Стратегиите за локален економски развој за периодот 2027-2031 година.
Работилницата е дел од практичната фаза на процесот, кој се реализира во соработка со општините, со методолошка и стручна поддршка од експерти, преку работилници, прибирање и анализа на податоци, консултации и постепена подготовка на стратешките документи.
Во фокусот на работилницата беа профилот на општината, расположливата податочна основа, локалните економски услови и потенцијали, социо-економската анализа, како и идентификувањето на развојните приоритети и потреби. Преку практична работа со општинскиот тим и експертите беа разгледани и постојните стратешки документи, програми, буџети, реализирани и планирани проекти и други релевантни податоци кои претставуваат основа за креирање на идната стратегија.
Процесот има за цел да обезбеди квалитетен и применлив стратешки документ кој ќе ги одразува реалните економски потенцијали и потреби на Општина Прилеп, ќе ги утврди клучните развојни приоритети и ќе даде јасна насока за реализација на проекти во наредниот петгодишен период.
Општина Прилеп останува активно вклучена во процесот на подготовка на Стратегијата, со цел идните развојни политики и приоритети да се темелат на реални податоци, локални потенцијали и конкретни потреби на економијата и граѓаните.