Во ООУ „Блаже Конески“ континуирано се инвестира во подобрување на квалитетот на наставата

Во  соработка со Општина Прилеп, во ООУ „Блаже Конески“ во континуитет продолжуваат да се подобруваат условите за работа, како за наставниците, така и за учениците. Во изминатиот период, во учебната 2019/2020 година, во училиштето во неколку наврати се набавени наставно-образовни помагала, а извршени се и други градежни активности кои видливо го подобрија квалитетот на наставата.

„Направивме реконструкција на ограден ѕид и рампа, се изврши просторно уредување на дворот со бекатон плочки, набавени се 15 смарт телевизори и извршен е обнова на нагледни средства за предметна и одделенска настава. Морам да напоменам дека најголем проблем ни претставуваше фискултурната сала, во која години наназад не се вложувало во нејзино опремување. Оваа година беа набавени душеци, столбови и мрежа за одбојка, координациони кругови, прилагодливи скали и маркери, кои треба да бидат во функција на подобрување на условите за работа на учениците. Во февруари училиштето се поднови со инвентар: 126 училишни клупи, 380 столчиња и 47 шкафчиња, кои беа распоредени како во централното, така и во подрачното училиште во Варош, каде е извршена и санација на санитарните јазли. Во тек е санирање и реконструкција на санитарните јазли, што опфаќа промена на водоводни цевки и средување на просториите со хидроизолација, керамички плочки и местење на спуштен плафон на приземјето. Исто така, во овој момент се врши и уредување и прилагодување на тоалет за лица со посебни потреби. До овој период, со помали финансиски зафати успеавме да извршиме поправки и освежување со боја на летниковците и постоечките клупи во паркот на училиштето, а се работи и на разубавување на екстериерот и ентериерот. Истовремено, во последниот квартал од 2020 година набавени се дополнителни нагледни средства, смарт табли“, вели директорката на училиштето Ангелка Баракоска.

За оваа година Баракоска најави реализација на проект од страна на МОН.

„Во овој период треба да започне реализација на проект со кој аплициравме на јавен повик, а кој се однесува на реконструкција на згради од страна на МОН, со кој ќе се изврши реконструкција на осветлувањето во училиштето. За оваа година во план ни е да изградиме соблекувални во делот на училишната зграда, чиј недостиг во моментов ни претставува проблем. Исто така, повторно ќе аплицираме на јавните повици од страна на МОН, за средства за замена на подот во училиштето и реконструкција на фасадата со термоизолациона фасада. Секако дека набавката на нагледни средства продолжува и оваа година со несмалено темпо“, истакна директорката на ООУ „Блаже Конески“, Ангелка Баракоска.

Баракоска потенцираше дека во соработка со Општина Прилеп и МОН, ќе продолжат инвестициите во насока на обезбедување подобар квалитет на наставата во ова прилепско основно училиште.