Во Домот за стари лица “Киро Крстески – Платник” промовирана соработката со Австриското Федерално Министерство за социјални работи

Во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник", денеска беа промовирани
активностите на Австриското Федерално Министерство за социјални работи,
здравство, нега и заштита на потрошувачи, Директорот на Домот за стари лица, Мики Крстев ја искажа својата благодарност за соработката со австриското Министерство, кое во изминативе години резултираше со голем број реализирани проекти.

„Сакам да ја изразам благодарноста што во изминативе две години и покрај Ковид
пандемијата, од страна на Австриското Федерално Министерство за социјални
работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи и НВО ‘Агро лидер’ од
Кривогаштани, успешно беа реализирани неколку проекти. Сакам да ја споменам
и нашата тесна соработка со ЕВН ‘Македонија’ АД Скопје, која како општествено
одговорна компанија ја согледа потребата од вакви сериозни проекти и се вклучи
волонтерски во нивната организација. Искрено се надевам и на понатамошна
соработка“, посочи Крстев.

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Република Австрија во нашата
земја, Георг Вуцас.

„Се чувствувам многу почестен што сум дел од овој настан денес. Ова е проект кој
што беше подготвен и поддржан од нашето Аташе за социјални работи, Харалд
Фугер, проект кој што не би бил реализиран без значајната суштинска поддршка
од страна на стопанствениците. Австрија и Северна Македонија ги поврзува
долгогодишно пријателство. Минатата година славевме 25 години дипломатски
односи, во овој дел сакам да ја потенцирам несебичната поддршка на
С.Македонија за влез во ЕУ, а европската интеграција не може да биде завршена
без пристапот на Западниот Балкан во неа. Исто така сакам да потенцирам дека
во време на Ковид, ЕУ започна да доставува вакцини овде во С.Македонија и во овој момент сакам да апелирам на населението да се вакцинира. Иднината на Европа и воопшто светската иднина зависи од тоа како ќе се избориме со оваа пандемија. Сакам да потенцирам дека Јужна Европа е добар пример за тоа. Во Малта и во Португалија над 80% од населението се веќе имунизирани, се надевам дека овој пример ќе го следи и Северна Македонија“, посочи австрискиот амбасадор Вуцас.

„Кој некогаш од нас немал потреба од помош и дали се сеќавате на доброто
чувство, како е кога ќе добиете помош и кој од нас не донирал или не укажал
помош некому и какво е чувството кога можеш некому да укажеш помош? ЕВН се
обиде со волонтерскиот проект токму тоа да го направи. Им даваме можност на
2.000 вработени на еден ден во годината да волонтираат, па така во последните 5
години реализиравме преку 100 проекти“, истакна Штефан Петер, Извршен
директор и претседател на управниот одбор на ЕВН Македонија.

„Помеѓу Австрија и Република Северна Македонија има голема билатерална
соработка на проекти на подрачјето на социјалната политика, а токму тука во
Прилеп има три интересни проекти кои се во тек. Токму овој проект е од големо
значење, ние ги употребуваме постоечките ресурси овде во Прилеп. Не земаме
нешто ново, туку работиме со нешто што го имаме и истото го надоградуваме. Ја
следиме заштитата на животната средина и имаме одлична соработка со сите
релевантни актери. Целта на овој проект е замената на старите сијалици со нови,
кои се енергетски лед ламби. Новите лед ламби беа купени со финансиска
поддршка од Сојузното министерство за труд и социјала на Австрија, а монтирани
од соработниците на ЕВН “, посочи Харалд Фугер, Аташе на Министерството за
социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи на Австрија во
Република Северна Македонија.

„Проектните активности на ЛАГ ‘Агро лидер’ се во соработка со граѓанска
организација од Австрија, а со поддршка на Министерството за социјални работи,
здравство, нега и заштита на потрошувачи на Австрија во Република Северна
Македонија. Покажавме дека можеме да дадеме значаен придонес на нашата

локална заедница. Преку проектот што денеска го промовираме, успеавме со еден
проект да ги опфатиме и младите и старите лица, со тоа што од една страна на
младите лица им овозможивме поддршка при вработување преку практиканство и
коучинг, а на старите лица им овозможивме подобри услови и подобар квалитет
на живот при нивниот смештај во домот за стари лица“, истакна Марина Тошеска
од НВО ЛАГ „Агро лидер“.

На денешниот настан на кој учествуваше и градоначалникот на општина Прилеп,
Илија Јованоски, сите учесници посочија дека соработката ќе продолжи и
понатаму и дека настанот претставува пример како треба да се обединат јавниот,
приватниот и граѓанскиот сектор во заеднички иницијативи насочени кон
подобрување на квалитетот на живот на постарите лица, заштита на животната
средина, како и обезбедување можност за вработување на младите.