По повод 8-ми Декември големиот христијански, како и патрон празник на ООУ „Климент Охридски“ се одржа свечeна програма во организација на основното училиште Климент Охридски во театарот „Војдан Чернодрински“, каде учениците заедно со наставниците и голем број на гости на сцената пред присутните, преку разни креативни музички, поетски и драмски изведби, говореа за ликот и делото на нивниот патрон.
На свеченоста, по повод одбележувањето на патрониот празник на училиштето присутни беа градоначалникот на општина Прилеп Борче Јовчески и претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски. Градоначалникот се обрати пред присутните гости: „Вечерва, во чест на сесловенскиот просветител Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа, должност на сите ни е да му оддaдеме огромна почит, на неговиот лик и на неговото дело. ООУ „Климент Охридски“ е колектив со голем ентузијазам, со постојани професионални усовршувања, што се потврди и со доделување на Трето Ноемвриската награда на ваш ученик и наставник, со голем број наградени ученици и наставници преку разни училишни државни и меѓународни натпреварувања од секое поле, училиште, кое ни’ е посебно драго, бидејќи се грижи за инклузивност на сите ученици, со посебната паралелка за децата со попреченост во нивниот состав. И со право, ова училиште го носи и името на сесловенскиот правосветител, воспитувач, учител и народен просветител. Почитувани, ви посакувам во иднина дa имате уште повеќе успеси во работата и учењето и успешна реализација во воспитно-образовниот процес.“- истакна Јовчески.
„Одбележувањето на јубилејното, шеесетгодишно постоење на нашиот патрон Климент Охридски, е симбол на опстојувањето и пребродувањето на сите предизвици што биле и постоеле во сите овие минати години. Нека јубилејот ни биде поттик да кажеме кои сме и каде сме како кадар и ученици.“- истакна директорот на ООУ „Климент Охридски“, Ахил Јаков.
По повод патрониот празник на ООУ „Климент Охридски“, 8-ми Декември, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, делегации од колективот на училиштето предводена од директорот, претставници од останатите училишта од општина Прилеп и ученици положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на Климент Охридски, кој се наоѓа во дворот на училиштето, оддавајќи му на тој начин почит на сесловенскиот учител и просветител.