„Вечер посветена на херојот“, сеќавање на животниот пат и револуционерното дело на Кире Гаврилоски-Јане

Во чест на 100 годишнината од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане,
во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа „Вечер посветена на
херојот“.

Во вечерта на сеќавање и оддавање почит на херојот, директорот на градската
библиотека, Петар Петрески, потсети дека неговиот влез во светот на литературата
се случил преку првиот расказ што го напишал пред повеќе децении, и тоа токму за
херојското загинување на Кире Гаврилоски и Круме Волнароски.

„Кире Гаврилоски, или Кире Гаврилчето, како што го викале неговите другари, е
еден од светлите ликови од плејадата македонски револуционери кои ги положија
своите млади животи за слободата на македонскиот народ. Неговата херојска
саможртва, како и херојската саможртва на другите негови соборци, беше тој
неопходен крвав влог што требаше да се направи за извојување на слободата и
формирање на Асномска Македонија“, истакна Петрески.

За животот и револуционерното дело на Кире Гаврилоски- Јане, зборуваше
историчарот Рубин Белчески. Раскажувајќи го краткиот животен пат на народниот
херој, Белчески потсети на неговото најрано детство, средношколските денови,
вклучувањето во антифашистичкото движење и учеството во формирањето
партиски ќелии во селата од прилепскиот, крушевскиот и кичевскиот регион, сѐ до
неговото херојско загинување на 9 мај 1944 година.

„На 8 мај, во вечерните часови, Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, доаѓаат
во куќата на Киро Насков Георгиоски, во населбата Ѓогдере, каде на состанокот со
останатите присутни, дел од предвидените делегати за Првото заседание на
АСНОМ, разговарале за нивната улога, за организацијата, борбата, победата и
ослободувањето. На 9 мај, во утринските часови, откако куќата ја напуштиле
останатите присутни и во која останале уште Кире и Круме, истата била блокирана
од страна на бугарски полициски и воени сили. По повикот да се предаат, тие
одговориле со бомби. Кога бугарските фашисти увиделе дека во борба не можат да
ги совладаат, ја запалиле куќата. Двајцата храбро се бореле до последен куршум.

Круме загинал пробивајќи се од куќата кон непријателот, а Кире останал во
запалената куќа и однатре извикувајќи пароли за борбата, за победата, за
слободата, држејќи им говор на окупаторските полицајци и народните предавници,
сѐ додека, пламенот не го згаснал неговиот живот“, рече Белчески.

На средбата која беше во организација на прилепската локална самоуправа и
градската библиотека „Борка Талески“, учество зедоа ученици од ООУ „Кире

Гаврилоски-Јане“ и поети од клубот на литературни творци од Прилеп, а актерот
Игор Трпчески читаше извадоци од книгата на Коце Солунски, кои се однесуваа на
животот и делото на Кире Гаврилоски-Јане.