Целосно асфалтирана улицата „Трајко Тарцан“

Улицата „Трајко Тарцан“ која се наоѓа пред градската болница „Борка Талески“
деновиве цеосно се асфалтираше. Амортизираноста на улицата, ударните
дупки и оштетувањата, беа доволна причина за брзата реакција на
градоначалникот Илија Јованоски и општинските служби со поставување на
целосно нов слој асфалт.

„Се наоѓаме на улицата „Трајко Тарцан“, тука е извршено асфалтирање на
целата површина, на потегот од кружниот ток кај поранешна „Стерна“ до
крстосницата со улицата „Мирче Ацев“.

Должината на улицата е 450 метри и со вкупна површина од 3200 м2. Со ова ќе
имаме современа сообраќајница, без досегашните оштетувања, дупки и
нерамнини“, вели Благоја Богоески, надзор над изведбата на улиците во
Општина Прилеп.

Граѓаните на Општина Прилеп години наназад реагираа за катастрофално
лошата состојба во која се наоѓаше оваа фреквентна улица.

Според надзорот, Благоја Богоески, сега улицата ќе биде доста корисна за
градот, а со оглед на тоа што се наоѓа пред болницата каде фреквентниот
сообраќај е релативно голем, прилепчани добиваат новоасфалтирана
сообраќајница по сите пропишани стандарди за квалитет.