Отворена изложбата „100 години од Македонскиот фронт“

Во организација на Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија, а
во соработка со Завод и музеј – Прилеп, денеска во просториите на
Меморијалниот музеј “11-ти Октомври“ беше претставена изложбата „100
години од Македонскиот фронт“.

„Денес се навршуваат точно 100 години од пробивот на Македонскиот фронт.
Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија, која што е дел од
европската асоцијација, во соработка со Завод и музеј од Прилеп, Гимназијата
‘Мирче Ацев’ и СОУ ‘Ристе Ристески – Ричко’ ја организираа денешната
изложба, која што е сведоштво за Првата светска војна“, истакна историчарот
Рубин Белчески.

Во денешниот настан беа вклучени и учениците од СОУ „Ристе Ристески –
Ричко“ и СОУ Гимназија “Мирче Ацев“, кои преку поставените слики ги
презентираа настаните поврзани со Првата светска војна.

„Ние како гимназија ‘Мирче Ацев’ заедно со учениците од СОУ ‘Ристе Ристески
– Ричко’, вклучени сме како кустоси, објаснувајќи определени делови од оваа
светска трагедија која што однесе преку 18 милиони жртви. Токму тоа треба на
сите сегашни и идни генерации да ни биде патоказ за понатаму, дека војните
се најголемото зло на човештвото“, истакна Диме Настески, директор на СОУ
Гимназија „Мирче Ацев“.

„Таа битка која пред еден век се одвивала на вчерашниот ден, всушност го
означила почетокот на крајот на Првата светска војна. Многу историчари
битката кај Добро Поле ја сметаат за пресудна битка, бидејќи веднаш потоа
беше потпишано примирјето со што настапи крајот на Првата светска војна“,
раскажа ученикот Андреј Тодороски од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“

Изложбата беше посетена од голем број на ученици, историчари, претставници
на НВО, како и од голем број на слободни граѓани и почитувачи на историјата.