Трибина на тема „Да ги зачуваме старите занаети во прилепската чаршија“

Денеска во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“, се одржа
трибина на тема „Да ги зачуваме старите занаети во прилепската чаршија“,
како дел од истоимениот проект, којшто е финансиран од Министерството за
култура во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“.

Во присуство на поголем број ученици од средните училишта во Прилеп, на
трибината свои излагања имаа претседателот на Занаетчиската комора од
Прилеп, Кирил Трпчески, етнологот кустос Александар Цветкоски и
професорката од СООУ „Орде Чопела“, Татјана Тасевска.

Целта на оваа трибина е да се отвори јавна дискусија за се’ она што значат
прилепските занаети, за нивната улога во чаршијата, а во исто време да се
пренесе пораката до новите млади генерации дека во постоечките занаети во
чаршијата можат да ја најдат својата иднина, бидејќи постои можност дел од
практичната настава на средношколците да се обавува и во дуќаните и
работилниците на прилепските занаетчии.

„Со една реченица целта на трибината е младите средношколци да не
размислуваат во правец на заминување од нашата држава, туку најпрвин да ги
пробаат шансите и можностите кои ги нуди нашата средина, нашиот град,
нашите занаетчии. Да ја најдат тука својата професионална реализација и во
исто време да ја продолжат културата и традицијата на нашиот град.“, изјави
Моника Талеска, в.д. директор на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“.

„Предвидено е сите ученици, дел од својата настава да ја поминат во
работилниците и занаетчиските фирми од Прилеп, каде ќе се стекнат со
конкретно стручно образование. Значи едно е да учиш од книга, а сосема друго
е мануелно да направиш нешто од она што значи секојдневие на еден
занаетчија.“, потенцираше претседателот на Занаетчиската комора од Прилеп,
Кирил Трпчески

„Треба да се врати пиететот на занаетите. Тоа значи, младите не треба да се
замислуваат само како компјутерџии и инженери, туку мораат да сфатат дека
повторно може да биде гордост за еден човек да биде занаетчија.“, нагласи
етнологот кустос Александар Цветкоски.

Според професорката Татјана Тасевска од СООУ „Орде Чопела“, средното
стручно образование нуди голем број на можности за вработување на младите
кадри, за отворање на сопствен бизнис, за продолжување на семеен бизнис, а
на тој начин се поттикнува и продолжува занаетчиството во нашиот град.

Претходно, во рамки на програмата за одбележување на празникот
11.Октомври, во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше
промовирана книгата „Старите занаети во Прилеп“ на авторот Моника Талеска
и беше изложена поставката на слики „Да ги зачуваме старите занаети во
Прилепската чаршија“.