Со конференција на тема „Зајакнување на жената од руралната средина“, одбележан Меѓународониот ден на руралната жена

Општина Прилеп во соработка со Здружението за рурален развој „Локална
акциона група агро лидер – Кривогаштани (ЛАГ АГРО)“, по повод Меѓународониот
ден на руралната жена, 15.Октомври, денеска организираше конференција на
тема „Зајакнување на жената од руралната средина“ и Саем на земјоделски
производи ко се изложени на просторот околу Саат кулата.

Со одбележувањето на овој ден, Општина Прилеп се вклучува во активностите
на светската кампања  „17 дена активизам за зајакнување на руралната жена“, со
цел да го поддржи движењето за зајакнување на руралните жени и нивните
заедници. Настанот допринесува за приближување на предизвиците со кои се
соочуваат жените од руралните средини и можностите за приспособување на
локалните и националните политики за вклучување на жените од руралните
средини во клучните процеси на одлучување.

“Оваа година “ЛАГ АГРО“ и локалната самоуправа од Прилеп, се вклучуваат во
одбележувањето на 15.Октомври, Меѓународниот ден на руралната жена, а
воедно за прв пат и како општина и како граѓанска организација се приклучуваме
на светската кампања ‘17 дена активизам за зајакнување на руралната жена’.
Сакаме да ставиме посебен акцент, бидејќи како држава имаме напредок во
спроведување на стратегијата за родова еднаквост, но сепак застапеноста на
жените е мала особено на жените од руралните средини“, истакна Марина
Тошеска од ЛАГ АГРО.

Според австрискиот аташе за социјални работи м-р Хeралд Фугер, ситуацијата на
руралните жени во Австрија понекогаш е многу предизвикувачка:
„Ситуацијата на руралните жени во Австрија понекогаш е многу предизвикувачка,
поради тоа што жените од руралните средини често се соочуваат со економска
неизвесност, односно немаат право на имот, а сето тоа влијае на состојбата на
жените во руралните средини во Австрија. Тоа е предизвик и треба и понатаму да
се работи на економската независност на жените и подобрување на нивната
социо-економската положба во општеството“, посочи Фугер.

“Најпрво сакам да го честитам 15.Октомври, Меѓународниот ден на руралната
жена. На последните локални избори во 2017 година само две жени сме избрани
за градоначалнички во рурални општини. Се надевам дека трендот понатаму ќе се
зголеми. Жените од руралните средини се соочуваат со исти, големи предизвици, како и жените од другите земји. Проблемот со родовата еднаквост не е само во
нашата држава, а подобрувањето на социјалните услуги, здравствените, како
подобрувањето на квалитетот на живеење на руралната жена воопшто, може да
се подобри, истакна Јасмина Гулевска – градоначалник на Општина Могила.

Во склоп на конференцијата ‘Зајакнување на жената од руралната средина’ на
просторот околу Саат Кулата во Прилеп, беше поставен Саем на земјоделски
производи, на кој беа изложени примарни и секундари земјоделски производи
подготвени од вештите раце на жените од руралните средини. Саемот е
организиран со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и
водостопанство.

Организаторите посочија дека денешниот настан е од особено значење за
напорите заеднички да ги пренесеме потребите и предизвиците на жените од
руралните средини и да дадеме поддршка во отворање на нови можности за
развој на заедницата, преку потенцијалот и перспективата на овие жени.

На конференцијата за предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните
средини и можностите говореа: Зоран Пачешкоски – раководител на подрачната
канцеларија на министерство за земјоделство, Јасмина Гулевска – градоначалник
на Општина Могила, Проф. Благица Сековска од Универзитетот "Кирил и Методиј
– Скопје", Јулијана Цекоска – претседател на Комисија за еднакви можности при
ЕЛС – Прилеп и Весна Ѓорѓиоска претставник од АПРЗ РЕ – Прилеп.