Традиционална прослава на празникот „Св. Никола“ во населбата Жабино Маало

Градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски денеска беа присутни на традиционалната прослава на празникот „Свети Никола“ во населбата Жабино Маало.

Жителите од оваа прилепска населба, секоја година, еден ден пред празникот „Св. Никола“, со богата трпеза, топли напитоци и песни, го слават патрониот празник на Прилеп.

‘Денеска и утре се слави големиот христијански празник ‘Св. Никола’, кој воедно е и патрон на градот, а голем дел од граѓаните на Прилеп го прославуваат како семејна слава. Во оваа прилика сакам да го честитам празникот, а на сите семејства и граѓани да им посакам добро здравје. Св. Никола е заштитник на сиромашните, на немоќните и морепловците, а  оваа година е 14. по ред како го славиме како патрон на нашиот град. Додека, пак, тука во Жабино Маало каде денеска се присутни и стариот и новиот домаќин, празникот се одбележува по десетти пат. На стариот и на новиот домаќин им посакувам убава семејна веселба и добро здравје“, изјави градоначалникот Јованоски, посакувајќи овој голем христијански празник да донесе многу здравје, среќа и бериќет за сите.

Со желби за добро здравје, мир и љубов, граѓаните од населбата Жабино маало палеа свеќи во параклисот посветен на светецот, заштитник на Прилеп и на нивното маало.

“Чувството е прекрасно, ова не може да се опише со зборови“, истакна домаќинот на годинешната прослава во Жабино Маало, Ѓорѓи Мишков.

“Се нафатив да бидам домаќин пред се како православен христијанин. Сакам традицијата да продолжи, им го честитаам празникот „Св. Никола“на сите граѓани што го празнуваат и посакувам идната година да биде уште поубаво и повесело“, посочи Гоце Стојкоски, домаќин на прославата во Жабино Маало за наредната година.

Утре продолжуваат чествувањата на патрониот празник на Прилеп. Одбележувањето ќе започне со Свечена божествена литургија во црквата „Св.Благовештение“, а централниот настан по традиција се одржува кај параклисот во центарот на градот, кога ќе биде прережан славскиот колач и означен новиот домаќин за следната година.