Тетовското семејство Дестани донираше 100 таблети за прилепските ученици

 

Денеска во Општина Прилеп пристигна донацијата од 100 таблет компјутери, коj
тетовското семејство Дестани преку компанијата „Еколог“, ги донира
за учениците од социјално загрозените семејства

Целта на донацијата е да го ублажи предизвикот на многу ученици, кои заради
пандемијата мораат онлајн да ја следат наставата, но поради недостиг на
соодветна дигитална опрема, не се во можност тоа да го направат.

Во врска со оваа иницијатива, донаторот и филантроп Лазим Дестани вели:
„Оваа донација е наменета за учениците кои заради недостаток на дигитални
уреди, останаа надвор од образовниот процес. Една од најважните работи што
заеднички можеме да ја направиме за време на кризата со Ковид-19, е да се
осигураме дека иднината на оваа земја, децата, ќе ја продолжат наставата без
пречки“.

Заблагодарувајќи му се на донаторот, градоначалникот Илија Јованоски рече дека
станува збор за исклучително вредна донација, која ќе има големо значење за
учениците од социјално ранливите категории.

„Сакам да го потенцирам значењето на оваа донација, која благодарејќи му на
тетовското семејство Дестани ќе предизвика радост кај 100 ученици од општина
Прилеп. Со помош на донираните таблети, учениците ќе можат непречено да ја
следат онлајн наставата, која заради неможноста да набават дигитална опрема,
на еден начин ги остави надвор од образовниот процес. Од тој аспект,
иницијативата и хуманоста на семејството Дестани добива на уште поголема
важност“, истакна градоначалникот Јованоски.