Денеска во општина Прилеп има 4 случаи на позитивни на коронвирус, а од лицата инфицирани со овој вирус, нема нови оздравени.

Во Инфективното одделение на Општата болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 16 лица позитивни на КОВИД-19 и сите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат двајца пациенти.

Во самоизолација се наоѓаат 228 лица, а во изминатото деноноќие немало нарушување на полицискиот час.

Вчера на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациентка на возраст од 55 години лекувана на клиниката од 24 април и 87 годишен пациент лекуван од 27 април, и двајцата со тешка форма на болеста и респираторна слабост. Во текот на вчерашниот ден во Прилеп почина уште едно лице – жена на возраст од 69 години, позитивна на вирусот, починала дома.

Доколку дозволат временските услови, денеска и утре ќе биде спроведена акција за дезинфекција на улиците во повеќе населени места во општината. Дезинфекционите средства ги обезбеди Општина Прилеп, а дезинфекцијата ќе биде реализирана со земјоделска механизација на месното население.

Во понеделник, 4 мај, на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, во просториите на Општина Прилеп од 9-14 часот ќе се одржи крводарителска акција.

По тој повод, градоначалникот Јованоски до граѓаните ја испрати следната порака:

„Доброволното дарување на крв е секогаш добра идеја, дури и во услови на пандемија. Има болни на кои нашата крв им е неопходна, кои не можат и не смеат да чекаат да помине пандемијата на КОВИД-19.

За таа цел, во понеделник, 4 мај, од 09 до 14 часот, во просториите на Општина Прилеп, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, ќе биде организирана крводарителска акција, при што ќе бидат преземени сите безбедносни мерки според протоколите за заштита од коронавирусот.

Ги повикувам сите граѓани на општина Прилеп кои се чувствуваат здрави и можат да издвојат дел од своето време, да се приклучат и да даруваат од скапоцената течност.

Дозволете си себеси, со вашата несебичност и хуманост да внесете светлина и надеж во нечиј живот, со тоа што ќе дарувате крв. Да се даде дел од себе, односно да се дарува крв во овие тешки времиња кога светот и човештвото се соочени со многу предизвици, е чин достоен за највисока почит.

Прилеп бил и останува град на хуманоста, солидарноста и крводарителството.

Дарувајте крв – спасете живот!“.

Со почит,

Општина Прилеп