Среќна Нова 2022

Со огномет точно на полноќ Општина Прилеп ја одбележа новогодишната ноќ. Градоначалникот Борче Јовчески со желби за здравје, бериќет и просперитет, на прилепчани им ја честиташе Новата 2022 година преку новогодишното обраќање и честитка до граѓаните, а исто така го следеше и огнометот на плоштадот Александрија и ги поздрави присутните граѓани. Оваа година Општина Прилеп излезе со став дека нема да има пречек на Новата година на отворено поради КОВИД 19. Баровите, и кафулињата за новогодишната ноќ работеа со ограничување, и дополнително за влез беше потребен сертификат за вакцина или негативен тест за коронавирусот. На новогодишната ноќ, градоначалникот Јовчески ги посети дежурните служби на итната медицинска помош, противпожарната дежурна единица, војниците во касарната ‘Мирче Ацев’, полициската станица и дежурната екипа на Македонски железници. На сите им посака многу здравје, успех и просперитет како за сите сограѓани така и за целата Општина Прилеп.

Новогодишната ноќ во Прилеп помина релативно мирно, остана забележана интервенцијата на противпожарната служба на 10 минути после полноќ, каде што веднаш пристигна и градоначалникот Јовчески на лице место во Точила каде што им даде поддршка на надлежните служби и сограѓаните. Се интервенираше на запалена тераса од стан која за среќа помина само со мала материјална штета.