Советот за превенција денеска заклучи Прилеп е подготвен за безбеден „Пивофест“

Сите надлежни служби во Прилеп, градот домаќин на традиционалната
манифестација „Пивофест“ се подготвени за почеток и безбедно одвивање
на четиридневната журка на пиво и скара, што илјадници граѓани ја
очекуваат со нетрпение.

Локалниот Совет за превенција, на денешниот состанок во Општина
Прилеп ги координираше своите активности, со цел непречена
организација на фестивалот во текот на четирите денови од 12 до 15 јули.
На состанокот присуствуваа oрганизаторот на манифестацијата, фирмата
„Ентфинити“, претставници од Општина Прилеп, СВР Битола, ПС
Прилеп, Дирекција за заштита и спасување, Центар за управување со
кризи, ЕВН – Прилеп, ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Водовод и канализација“,
Итна медицинска помош, ТППЕ, Центарот за јавно здравје, УЈП,
претставници од Државен пазаришен инспекторат, Агенција за храна и
ветеринарство и други служби, што се директо или индирекно вклучени со
безбедната организација на фестивалот.

Целата на средбата е синхронизирана и координирана активност на сите
надлежни служби, за да се почитува јавниот ред и мир, безбедност на
посетителите да биде на највисоко ниво, непречено да се одвива
сообраќајот во градот, паралелно да се гарантира квалитетот на храната и
пијалоците што ќе се сервираат. Со ангажманот на другите надлежни
служби ќе се одржува максимална чистотата на градот, особено
централното градско подрачје,каде што ќе се одржи фестивалот.
Претставниците од надлежните претпријатија истакнаа дека си ги
преземаат сите обврски за непречено обезбедување инсталации и вода до
штандовите на пиварниците и скараџиите. Фестивалот ќе се одржува со
постојано присуство на дежурни екипи од ТППЕ и службата за итна
помош.

Според пласираните информации, хотелските капацитети во градот се
речиси во целост резервирани, што пак говори дека уште сега огромен е
интересот на туристите. И годинава ќе им се обезбедат оптимални услови на камперите, што ќе се одлучат во авантуристички дух, за време на
фестивалското случување да кампуваат на Паркот на револуција.
Локациите за кампирање се бесплатни, а за младите кампери ќе бидат
обезбедени топли напитоци и супа. ЈКП „Комуналец“ ја презеде обврската
да постави туш кабини за туристите на оваа локација.

JП ПУП ги презема сите обврски за непречено одвивање на сообраќајот
заедно со Прилепската полиција. Паркинг просторот како што претходно
најавивме со Одлука на Советот на Општина Прилеп ќе се наплаќа по 50
денари, што е двојно помала такса во однос на ланските 100 денари за
возило. Надлежните од Полициската станица во Прилеп за да се постигне
поголема безбедност за време на четирите фестивалски денови, апелираат
граѓаните на Прилеп-градот домаќин, да се воздржат од користење на
своите превозни средства во периодот од 12 – 15 јули.

За другите детали во врска со Програмата на фестивалот и целокупната
годинешна понуда, утре (петок) во 11 часот во Општина Прилеп фирмата
организатор ќе одржи прес конференција.