Фестивалот „Пеце Атанасоски“ следниот викенд на Рудина кај Долнени

На 29 и 30 јуни во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржи 44 издание на Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“,  реши Управниот одбор на Фестивалот на последната седница што се одржа во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Годинава се очекува да учествуваат околу 250 изведувачи на изворен мелос од цела Македонија.

Претходно, од  25 до 29 јуни ќе се одржи и Семинарот за изучување на народни инструменти и песни. Според уметничкиот директор и селектор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска селектирани се учесниците од целава земја. Интересот и годинава за учество е огромен.

„ Навистина имаме огромен интерес и многу талентирани изведувачи на изворни инструменти и песни од сите краишта на земјава. Нашиот фолклор е вистинско богатство. Талентираните народни музичари ги има од сите генерации, од најмлади до најстари. Секоја година, овој пат, ни е тешко да го направиме изборот. Очекуваме околу 250 учесници на Фестивалот и покрај намалените средства за оваа година“, изјави Величковска.

Секретарот на фестивалот, Златко Лашкоски вели дека како најреномирана и единствена од ваков вид манифестација во земјава и годинава ќе го одржи високото реноме и покрај драстично намалените средства.

„Овој фестивал е единствен од ваков вид, кој повеќе од четири децении ги негува основните цели: зачувување и негување, како и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво. Не ретко сме се соочувале со скромни услови и средства, но сме излегувале на крај без да се доведува во прашање реномето и високиот квалитет на изведувачите на изворниот мелос. Годинава, средствата од Министерството за култура се за 40 насто помали. Но, ние малку ќе ја збиеме програмата, ама квалитетот безусловно останува. Задоволство е да напоменам дека ја имаме и целосната поддршка на локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени“, изјави Лашкоски.

Управниот одбор на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ја утврди програмата. Официјално ќе биде отворен на 29 јуни на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. По отворањето ќе настапат изведувачи на изворни инструменти ( гајда, тапан, кавал, кемане) и на изворни песни од југозападниот дел на Македонија. В сабота, на 30 јуни, на Рудина кај Долнени ќе настапат изведувачи од целата земја.  Фестивалот ќе ги прогласи и ќе ги награди најдобрите изведувачи, ќе ги додели и Гран при наградата за најдобар целосен настап и гајдата на „Пеце Атанасовски“ за најдобриот гајдаџија, што ја доделува Општина Долнени.

Од 25 до 29 јуни во Спомен куќата на Фестивалот, која е и Етно-музеј во Долнени, ќе се одржи веќе традиционалниот семинар за изучување на изворни инструменти и песни. Семинарот ќе го држат етномузикологот д-р Родна Величковска и фолклористот  м-р Горан Василески.

„На семинарот ќе учествуваат над 10 млади, вљубеници во изворниот мелос. Ќе се обидеме да им ги пренесеме тајните за тоа, како се свири на изворните инструменти и што е најважното во изведувањето на изворните песни. Ова мора да го одржуваме, има интерес кај младите генерации за пренесување и зачувување на долговековната  македонска фолклорна традиција“, вели Василески.