Сојузот на борци – Прилеп, со трибина го одбележа Денот на победата над фашизмот

Сојузот на борци-Прилеп секоја година, традиционално организира трибина во
врска со Народно-ослободителната борба, или со операциите од Втората светска
војна во Европа. Тема на денешната трибина која се одржа по повод 9-ти мај,
Денот на победата над фашизмот, беше „Втора светска војна, завршни операции
– капитулација на оската“, на која предавач беше Илија Велкоски, советник,
историја на уметност.

Целта на ваквите трибини на поддржувачите на боречката организација, околу
2.000 на број, како што истакна Велкоски, е задржување и продолжување на
традициите од НОБ од 1941 до 1945 година.

„Значењето на овој датум е многу важно. Со капитулацијата на Германија и
Јапонија, настанува нова ера во светските збиднувања. Покрај негативностите на
светската војна, покрај сите убиства и разурнувања, има и еден позитивен тренд:
сите колонијални држави почнуваат револуција и до седумдесеттите години се
ослободуваат и формираат сопствени држави“, истакна Велкоски.

На трибината присуствуваа и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и
претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

Градоначалникот Јованоски рече дека прилепскиот Сојуз на борци е една од
организациите, кои се најдобри соработници на локалната самоуправа, кон кои
Општина Прилеп има посебен респект. Честитајќи го утрешниот значаен ден,
Јованоски ја искажа својата увереност дека во интерес на унапредување на
општествено-политичките процеси во градот, соработката ќе продолжи на уште
повисоко ниво.