Со учество на џудисти од шест држави, се одржа меѓународниот турнир „Прилеп – Град Херој“

Во организација на џудо клубот „Сеишин“, денеска во Прилеп по јубилеен 10-ти пат се одржа меѓународниот турнир „Прилеп – Град Херој“. Турнирот се одржува во чест на Денот на народното востание „11.Октомври“, со поддршка на Општина Прилеп.

Прогласувајќи го турнирот за отворен, градоначалникот Илија Јованоски рече дека е убаво што Прилеп има спортски колектив каков што е џудо клубот „Сеишин“, каде се развива и јакне спортскиот дух на младите генерации и кој придонесува за промоција на градот во домашни и меѓународни рамки.

„Сакам да упатам честитки до клубот кој слави два јубилеја – 15 години од неговото постоење и 10 години од постоењето и развојот на меѓународниот турнир ‘Прилеп – Град Херој’, за кој верувам дека и оваа година ќе биде успешно организиран. Во спортски дух, нека победат најдобрите. во оваа прилика сакам да кажам дека во рамките на нашите можности и надлежности, Општина Прилеп и јас како градоначалник секогаш ќе го поддржуваме џудо спортот, но и спортот воопшто во нашиот град“, изјави градоначалникот Јованоски.

Упатувајќи благодарност до локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, за поддршката во организацијата на овој традиционален меѓународен турнир, тренерот на џудо клубот „Сеишин“, Дејан Мицкоски, рече дека на турнирот учествуваат 22 клуба со 220 натпреварувачи, во 3 возрасни категории.

„На денешниот настан присутни се 22 клуба, од вкупно 6 држави, со вкупно 220 натпреварувачи во 3 возрасни категории: помлади пионери, пионери и кадети. Очекуваме квалитетни борби, затоа што поголем дел од екипите доаѓаат со квалитетни натпреварувачи“, истакна Мицкоски.

 

Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Зеглул Реџепи нагласи дека прилепскиот клуб „Сеишин“ како еден од најмасовните клубови во државата, заедно со Општина Прилеп, ја имаат најголемата заслуга за организирањето на еден ваков реномиран меѓународен натпревар, кој придонесува за развој на џудото во нашата држава.

„Посебна благодарност и честитки за ваквата организација до џудо клубот ‘Сеишин’, кој е еден од најмасовните клубови во Македонија, кој со свои претставници е застапен во структурите на Џудо федерацијата на Македонија“, потенцираше Реџепи.

На меѓународниот турнир „Прилеп – Град Херој“, учество зедоа џудисти од 6 држави: Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово и Македонија. Турнирот се одржува во чест на Денот на народното востание „11.Октомври“, во годината кога прилепскиот џудо клуб „Сеишин“ слави 15 години од своето постоење.