Со традиционалниот „Есенски панаѓур“, ООУ „Кире Гаврилоски“ го одбележа Светскиот ден на храната

По повод Светскиот ден на храната, 16 октомври, ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“
од Прилеп го организираше традиционалниот „Есенски панаѓур“, чие годинешно
мото беше: Потребата од обезбедување здрава и одржлива исхрана, физички и
ценовно достапна за секого.

Како што велат од прилепското основно училиште, денешниот настан е акција за
остварување на глобалната цел – „Свет без Глад“, здрава исхрана на луѓето и
грижа за планетата од која сите зависиме, свет каде секој ќе има постојан пристап
до квалитетна храна, за да води активен и здрав живот.

„Секој од нас треба да размислува за тоа што јаде, да му покажеме на светот дека
‘Zero Hunger’ не се однесува само на прехранување на гладните. Станува збор и
за здравата исхрана на луѓето, која вклучува доволно разновидна, безбедна и
храна со доволно хранливи материи – истовремено одржувајќи го здравјето на
планетата од која сите зависиме. За да се постигне тоа, потребно е дејствување и
посветеност на сите сектори, нации, континенти и професии. Во последните
децении, драматично ја имаме сменето нашата исхрана и навиките за јадење,
преминувајќи од сезонски, главно растителни оброци, на високо-калорична
исхрана богата со рафиниран скроб, шеќери, масти, сол, преработена храна,
месо. Луѓето поминуваат помалку време подготвувајќи оброци дома, а
потрошувачите, особено оние од урбаните средини, сè повеќе се потпираат на
супермаркетите, продавниците за брза храна. Комбинацијата на нездрава исхрана
и седечки начин на живот драстично ги зголеми стапките на дебелина, и тоа не
само во развиените земји, туку и во земјите со ниски приходи“, истакнува
директорката на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, Кети Стевананџија.

Учениците од основните училишта се дел од генерацијата која има можност да го
елиминира гладот од планетата. Со подигнувањето на свеста за начинот на
исхрана и нејзиниот третман, тие можат да помогнат и да го подобрат не само
сопствениот живот, туку и животот на нивните родители и пријатели, да станат
носители на позитивни промени.

За денешниот „Есенски панаѓур“, најмладите ученици со своите наставници
подготвија кратка програма за здравата храна, додека сите ученици од прво до
деветто одделение, со своите класни раководители припремија есенски украси и
разни други изработки.

Парите кои ќе бидат собрани од панаѓурот ќе бидат искористени за потребите на
ООУ „Кире гаврилоски – Јане“, поточно за набавка на телевизори во училниците од предметна настава, со што сите училници ќе имаат уште по едно наставно
помагало за подобрување на наставата.