Општина Прилеп е дел од ENABLE – проект кој ќе резултира со стратешки насоки за развој на планската документација

Општина Прилеп стана партнер во проектот ЕРАЗМУС +, „ENABLE“. Проектот подразбира интегративност во стратешката мултисекторска перспектива на градот, со цел да произлезе и да се изгради одржливоста врз социо-економските и секторски приоритети, политики и стратегии.

Една од првите активности се оствари преку студиската посета на град Прилеп од страна на студентите по архитектура од Факултетот за Архитектура и Дизајн од Универзитет Американ Колеџ Скопје како и со средбите за стратешка соработка помеѓу координаторите на проектот со вработени од општината како и останати професионалци, граѓани на Прилеп. Проектот формално ќе биде прогласен за започнат на првиот состанок на интернационалниот конзорциум на 8ми Ноевмри во Прилеп. Процесот подразбира двегодишна меѓународна соработка на две институции од Македонија, со три високообразовни институции од ЕУ. Освен Факултетот за Архитектура и дизајн на УАКС, во проектот е вклучен и Институтот за Истражување во Животна Средина, Градежништво и Енергетика (ИЕГЕ) од Скопје. Интернационалниот карактер се потврдува со присуството на Институтот за Просторно планирање при Техничкиот Универзитет во Виена, Австрија (IFOER, TUWien), Институтот Aрхитектура и Територија од Универзитетот Медитеранеа од Реџо Калабрија, Италија (d’Arte, UNIRC), како и Институтот за Животна средина од Брно, Чешка (Nadace partnerství).  Со оглед на тоа дека Прилеп бил предмет на бројни студиски набљудувања во претходните години, тој е избран за студија на случај.

Проектот е фокусиран на европските трендови, а пристапот третира настава, односно планирање на одржлив град низ неговиот урбан и економски раст и развој, социјална инклузивност, технолошки иновации, културно и природно наследство, туризам.

Очекуваниот финален документ ќе содржи стратешки насоки, кои ќе бидат основа за понатамошен развој на планската документација за Прилеп, односно неговиот стратешки документ – новиот Генерален урбанистички план.

Проектот се реализира како дел од Еразмус +, програма КА203 за Стратешка соработка помеѓу високообразовни институции и е финансиран од Европската Унија.