Прилеп повторно ќе ја слушне магијата на дувачките инструменти. Се возобнови Прилепскиот дувачки оркестар. За таа цел, Општина Прилеп обезбеди почетна логистичка и финансиска поддршка, согласно можностите и програмските активности на новообновениот дувачки оркестар, чиј прв настап во 2026 година ќе биде на карневалскиот фестивал „Прочка 2026“.
Програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност, а Дувачкиот оркестар – Прилеп станува дел од културната програма на Општина Прилеп.
„Прилеп продолжува да инвестира во културата. Го враќаме звукот што недостасуваше! По 10 години, Градскиот дувачки оркестар повторно е во функција, со млади, професионални и талентирани музичари од нашиот град, кои продолжуваат традиција подолга од еден век, градена со генерации. Овој оркестар не е само музика, туку е дел од идентитетот на Општина Прилеп. Градскиот дувачки оркестар ќе биде дел од нашите празници, свечености и манифестации“, истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој присуствуваше на првата проба на возобновениот градски прилепски дувачки оркестар.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе одржува проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“. Оркестарот моментално брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп.
Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на ваквата музика е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година. Подоцна, во 1930 година, бил формиран првиот поголем оркестар со околу 20 членови – оркестар од лимено-дувачки инструменти, создаден од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче. Потоа, низ историјата, со прекини во континуитетот, функционирал градскиот дувачки оркестар сè до 2015 година, при што особено се истакнал Илија Јанчулески, кој ја градел оваа традиција со генерации музичари.

