Сè е подготвено за карневалот „Прочка 2023“!

Од петок до недела, во Прилеп, по 21-ви пат, ќе се организира традиционалниот карневал „Прочка 2023″, на којшто ќе учествуваат над 500 учесници. Гости се очекуваат од сите градови на Македонија.

„Очекуваме огромна посетеност, особено в недела на 26-ти февруари кога е и дефилето на маските. Сакам да ги поканам сите граѓани на Македонија, да ни дојдат во недела во Прилеп и да присустуваат на најубавиот и посебен карневал „Прочка 2023”. Карневалот започнува во 12:00 часот, а дефилето на карневалските маски ќе започне од пред Домот на културата “Марко Цепенков“. Како домаќини ќе се погрижиме, сите кои тој ден ќе бидат во Прилеп да имаат прекрасен карневалски ден.” – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Снежана Ристеска, Советник за култура во Општина Прилеп, посочи дека и оваа година градот ќе понуди богата карневалската програма.

„Активностите ќе започнат со отварање на изложбата која секоја година е сведок на најразлични креации на маски од страна на учениците од основните и средните училишта во градот под менторство на нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава. Изложбата ќе биде отворена во петок во 11:00 часот од страна на градоначалникот Борче Јовчески во Центарот за култура „Марко Цепенков“ каде што ќе бидат прогласени и најдобро избраните маски. Централен настан претставува дефилето на маски, во недела, на кое што ќе се претстават поединечни и групни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а стартот е од пред НУЦК „Марко Цепенков“. Дефилето ќе се движи се до плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика. Очекуваме над 500 учесници во 20-тина групни маски, кои би продефилирале на карневалот. Досега се пријавени учесници од Мокриево, Сопот, Струмица, Пробиштип, Охрид, Куратица…  Покрај дефилето ќе бидат организирани и други забавни содржини.„- посочи Ристеска .

Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“  кои се дел од оваа карневалската организација, на карневалот во Прилеп очекуваат оригинални маски и нагласи дека се’ е подготвено за традиционалната маска „Прилепски мечкари“ која е бренд и носител на карневалот.

А, за оние кои што сакаат да учествуваат на оваа карневалска манифестација, организаторите велат дека секогаш има место. Сите оние, кои што сакаат да бидат дел од карневалот „Прочка 2023„ можат да ја пријават својата маска преку страницата на карневалот www.karnevalprilep.mk, по електронски пат или пак непосредно пред почетокот на карневалот.

За најубавите маски, традиционални и современи маски, во различни категории, ќе има и награди за кои ќе одлучува стручно жири и избор на Гранпри маска. В недела вечер е големиот заеднички маскенбал, а в понеделник, според традицијата на прилепските мечкари, со посен манастирски грав за учесниците и гостите ќе се означи почетокот на велигденските пости.