Рубин Белчески е прогласен за најдобар музејски работник во Македонија

Историчарот – кустос советник во НУ Завод и Музеј – Прилеп, Рубин Белчески, е
прогласен за најдобар музејски работник во Република Македонија за 2017
година. Наградата „Музејски работник на годината“ ја доделува Македонскиот
национален комитет на Mеѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), на основа
на големиот број реализирани активности, за целиот негов општествен ангажман,
но пред се’ за изложбата за Методија Андонов-Ченто, насловена како „Ченто-
биографија низ фотографија“.

„Кога велам општествен ангажман, подразбирам кустосот и историчарот да не
биде само во рамките на својата работна организација, туку да излезе од музејот,
да биде соработник на разни институции, соработник на медиумите кои што го
пренесуваат гласот на нас, историчарите и музејските работници. Во изминатиот
период кога ја правев оваа рекапитулација за причините, поради кои сум ја добил
престижната награда, спаѓаат моето учество во голем број проекти, моите написи
и трудови по портали, списанија, весници и зборници, кои оваа година се
дваесетина на број. Некој ќе рече дека не живееме од историја. Да, меѓутоа јас
имам една изрека која секогаш ја повторувам: историјата не ја учиме само за да го
знаеме минатото, туку за да знаеме како да се однесуваме во иднината“, изјави
Белчески.

Најдобриот музејски работник за 2017 година, Рубин Белчески, истакнува дека е
вљубеник во својата професија и дека од тие причини во јавност постојано
изнесува информации за одредени настани и личности. За Белчески, наградата
има уште поголема важност, ако се знае дека е доделена од страна на еснафот,
односно здружението МНК ИКОМ, кое е претставник на светската асоцијација на
Меѓународниот совет на музеите.