Оваа сабота ќе биде „Ноќ на музеите“ во Прилеп

Утревечер од 19 часот, па до 1 часот по полноќ ќе бидат бесплатно отворени за
посети за сите граѓани, 6-те музеи во надлежност на прилепскиот Завод и музеј.
Овие активности на прилепскиот музеј се во рамките на манифестацијата „Ноќ на
музеите“, по повод 18-ти Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Како што истакна в.д. директорот Благоја Атанасоски, тоа значи дека вратите на 5
–те музеи во Прилеп: Участакот, Галеријата на икони, Спомен куќата на Кузман
Јосифоски-Питу, Археолошката поставка во Завод и Музеј, Музејот за тутун што е
сместен во Институтот за старословенска култура и Спомен куќата на Блаже
Конески во родното Небрегово, ќе бидат бесплатно отворени за посетителите 6
часа. Со оваа активност на прилепскиот Завод и Музеј се вклучува во
манифестацијата што ја организира амбасадата на ЕУ во Македонија, во година
посветена на заштитата на културното наследство во Европа.

Прилепскиот Завод и музеј до Министерството за образование и наука вчера
испрати предлог барање, со цел посетите на музеите да влезат во редовната
наставна програма на сите училишта.

„Писмото е со цел да се воспостави во пракса, да влезе во нивната редовна
Програма, учениците да бидат повеќе присутни во нашите музеи. Што се однесува
до посетеноста, таа е на многу ниско ниво. Ние стоиме на располагање, отворени
сме за соработка, а во тој контекст во редовната Програма конкурираме со
проекти за соработка со училиштата, со наслов ‘Музеите во училиштата и
училиштата во музеите’. Наша и интенција на Министерството за култура е да се
зголеми таа соработка со повеќе проекти“, изјави Атанасоски.

НУ Завод и Музеј – Прилеп со финансиска поддршка од Министерството за
култура годинава ќе реализира повеќе проекти. Меѓу нив се: доградбата на
манастирот Трескавец, евиденција на иконите, конзервација на живописот и
оградниот ѕид околу конакот во долната црква во село Зрзе, препокривање на
црквата „Свети Никола“ во село Манастир и на родната куќа на Блаже Конески.
Наскоро ќе почнат истражувањата на археолошкиот локалитет Стибера. Исто
така, се работи и на споменикот „Македониум“ во Крушево. Но, како што вели
Атанасоски постојат одредени проблеми кои се поврзани со квалитетот на
работата на фирмата изведувач на градежните работи, за што е известено и
Министерството за култура.

Во текот на оваа година ќе биде реализиран и проектот за етнолошката поставка.
Како што напомена в.д. директорот на НУ Завод и Музеј-Прилеп, Благоја
Атанасоски, внатрешниот дел и карабината се готови, останува да се заврши
внатрешниот дел и да се изложи поставката.