Реакција на прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

Почитувани,

Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, работи
исклучиво врз основа на позитивните законски прописи и во заштита на
интересите и правата на сите граѓани.

Имајќи го тоа како императив, Општината поднесе повеќе кривични
пријави со основан сомнеж за злоупотреби во работата и со парите на
граѓаните, од страна на претходниот градоначалник Марјан Ристески и
вработени во локалната самоуправа, коишто беа констатирани и од страна
на Државниот завод за ревизија.

Прегласни беа реакциите на граѓаните во минатото за “урбаната мафија“
во градот, за мито и корупција во работата на претходната власт, за
злоупотреби во процесот на урбанистичките решенија и легализацијата на
диво изградените објекти во градот, за кои граѓаните се плашеа да
пријават, а кои сега се од интерес на истражните органи на Република
Македонија.

За разлика од минатите времиња, денес во Општина Прилеп владеат
правото и законите, а сите вработувања се вршат врз основа на стручните
способности и компетенции на кандидатите и според реалните потреби на
локалната самоуправа.

Општина Прилеп ги охрабрува сите граѓани, без разлика на партиската
или било каква друга припадност, слободно и без двоумење да ги пријават
сите нивни сомнежи за аномалии во работата на било кој вработен или
именуван функционер во локалната власт.