Првото бебе за 2026 година во општина Прилеп е машко

Два часа по полноќ, Прилеп го доби првиот жител во Новата 2026 година. Првото бебе родено во новата година е машко, а мајката Софија ја доби својата втора рожба, синот Герасим.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со претседателката на Советот на општина Прилеп, директорот на болницата, претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и со тимот на лекари и медицински сестри, го посетија Одделението за гинекологија и акушерство при Општата болница „Борка Талески“ – Прилеп, каде што на мајката и новороденчето им упатија искрени желби за добро здравје, среќно и безгрижно детство и долг живот исполнет со љубов. Во знак на внимание и поддршка, во името на Локалната самоуправа на Општина Прилеп, на семејството им беа доделени штедна книшка и пригодни подароци за новиот член.

„Овој убав и симболичен почеток на годината ни дава дополнителна мотивација и обврска уште посветено да работиме на создавање подобри услови за младите семејства и за зголемување на наталитетот во нашата општина. Грижата за новите генерации е инвестиција во иднината на Прилеп и затоа ќе продолжиме со политики и мерки што ќе го поддржуваат семејството, родителството и квалитетниот живот во нашиот град“, истакна Проданоски.
Од гинеколошко-акушерското одделение при болницата „Борка Талески“ информираат дека мајката и бебето се во одлична здравствена состојба.
„Бебето е родено по природен пат, со тежина од 4 килограми и должина од 51 сантиметар. Мајката е второротка и исто така е во одлична здравствена состојба. Им посакуваме многу среќа, здравје и радосно детство“, изјави директорот на ЈЗУ ОБ „Борка Талески“ – Прилеп, Кире Јоноски.
Во првиот ден од Новата година, во утринските часови, после првороденото бене, Прилеп доби уште два нови жители, едно машко и едно женско бебе.