Промовирана книгата „УБК одблизу“, на авторот Љубен Конески

Денеска во Градската библиотека „Борка Талески“, беше промовирана книгата на
Љубен Конески, „УБК одблизу“. Книгата претставува збирка на лични сведоштва и
размислувања на авторот, кој е поранешен висок припадник на Службата за
безбедност во некогашната СФРЈ, како и во периодот на самостојна Република
Македонија.

„УБК одблизу“ е прва книга од ваков формат во нашата земја, во која претставник
на тајната државна служба го претставува периодот од животот поминат во
редовите на оваа професија, често коментирана и прекриена со превезот на
мистеријата. Во книгата пишувана во стил помеѓу сеќавањето и кусиот расказ,
Конески пишува за познати и не толку познати настани и личности од јавниот и
политичкиот живот. На тој начин, авторот фрла нов зрак светлина не само на
историските процеси, туку и на внатрешните состојби во службата.

Промоторот на книгата д-р Цане Мојаноски, професор на Факултетот за безбедност,
рече дека „УБК одблизу“ претставува ризница на информации за начинот на кој се
остваруваат доминантните интереси во општествениот развој.

„Книгата е хроника на процесите, настаните и личностите. Таа е ризница на
информации за тоа од што се изградени, како се уредени и на кој начин се
остваруваат доминантните интереси во општеството и општествениот развој. На
колегата Љубен Конески со кого заедно ги делевме студентските денови, му
посакувам добро здравје и дополнителен мотив, својата творечка енергија да ја
распостели на нови изданија“, истакна д-р Мојаноски.

На промоцијата присуствуваа бројни гости, пратеници во Собранието на РМ и
градоначалникот Илија Јованоски.