Промоција на книгата „Спомени“ од Шакир војвода

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски вечерва присуствуваше на промоција на книгата „Спомени“ посветена на војводата Крсто Гермов-Шакир.
Издавач на ова дело е градската библиотека „Борка Талески“, а редактор е д-р Славчо Ковилоски.

Овие „Спомени“ за Крсто Гермов – Шакир се наоѓаат во архивот на Институтот за македонска национална историја, каде се чуваат како листови испишани на машина за пишување од соборникот на Гермов,гевгеличанецот Ангел Динев.
Тој долго време го наговарал и успеал да го убеди Шакир војвода да го каже своето сведоштво за македонското револуционерно движење.

„Шакир во своите сеќавања се сконцентрирал на неколку точки од неговото револуционерно движење во Прилеп и Мариово. Тој е прилепско-мариовски војвода на Македонската револуционерна организација. Во спомените е дадена една прекрасна слика за мариовските предели, но и со богати етнографски материјали за животот на мариовците. Шакир постојано потенцира за нивното самородно македонско чувство“, истакна редакторот д-р Славчо Ковилоски.

Промоцијата на делото посветено на Шакир војвода се случува во предвечерието на утрешниот празник „3-ти Ноември“- Денот на конечното ослободување на Прилеп од германските окупаторски сили пред 73 години.

Чествувањата по тој повод започнуваат изутрина со полагање на свежи свеќиња пред споменикот на паднатите борци во месноста „Песјобрдце“ во 9 часот, а завршуваат со свечена седница на Советот на Општина Прилеп во 20 часот во големата собраниска сала, на која ќе бидат доделени и наградите на годинешните лауреати на наградата „3-ти Ноември“.