Прилепските училишта подготвени за стартот на учебната година

ООУ „Кочо Рацин„ и ООУ „Рампо Левката“ подготвени за стартот на учебната година
Летниот распуст основните прилепски училишта го искористија активно за да ги подобрат условите за одвивање на наставниот процес и да ги адаптираат училишните простории.


Во ООУ „Кочо Рацин“ летниот распуст беше искористен за реконструкција односно промена на подовите во училиштето и училишните ходници а во периодот што следи е предвидена реконструкција на скалите во училиштето, вкупната вредност на овој проект изнесува 2 700 000 денари. Исто така раководството на училиштето во соработка со МОН и Локалната самоуправа извршија комплетно уредување, опремување и адаптација на кабинетите по информатика, физика и хемија и биологија. А се изврши и санација на дел од старата ел. мрежа во училиштето во населбата Рид за што беа издвоени 50 000 денари.


За подобрување на условите во воспитно – образовниот процес во ООУ „Рампо Левката“ комплетно ги заменија сите врати од приземјето и првиот кат, со средства од Локалната самоуправа во висина од 1. 111 099 ден. Изградена е и атлетската патека околу спортското игралиште (1 116.339 ден); адаптиран е кабинетот по природни науки, според насоките на МОН со средства во висина од 94.400 ден.
Реновирањето на наставничката канцеларија со цел подобрување на условите во кои што работат просветните работници односно, нова електрична инсталација, лед осветлување, нов под, плочки, ѕидови и таван, беше нов инфраструктурен зафат што ООУ „Рампо Левката“ го реализираше со средства во висина од 400 000ден. од Буџетот на општина Прилеп. Училиштето се погрижи да ги подобри условите и за спортските активности на учениците, па се поставени нови кошаркарски табли и нова конструкција во спортската сала, а се реновираше и подиумот за приредби со средства од буџетот на Локалната самоуправа во висина од 30. 000 денари.


Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, пред стартот на учебната година во рамките на предвидените активности за посета на сите училишта во општина Прилеп и увид во реализираните реновирања истакна:
„Овие инфраструктурни уредувања и тековни активности кои ги реализираа училиштата за подобрување на условите за работа и одвивање на наставно-образовниот процес, се суштински важни за квалитетно образование на нашите деца. Децата и нивното образование се наш приоритет. – истакна Јовчески, при денешната посета на основните училишта „Рампо Левката“ и „Кочо Рацин“.