Прилепските средни училишта ги отвораат вратите за вкупно 1.546 ученици во прва година

Во тек е првиот уписен рок за 680 полуматуранти од прилепските основни училишта, кои своето образование можат да го продолжат во едно од петте средни училишта во градот: Гимназијата „Мирче Ацев“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Орде Чопела“. Уписот е организиран според насоките од Протоколот усвоен од Владата, по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести. Според протоколот, поднесувањето на документите се врши по азбучен ред на презимето.

Во Гимназијата „Мирче Ацев“ во прва година можат да се запишат 306 ученици во 9 паралелки, во СОУ „Ѓорче Петров“ 340 ученици во 10 паралелки, а во СОУ „Орде Чопела“ 306 ученици во 9 паралелки. Вкупно 238 ученици во 7 паралелки може да посетуваат настава во прва година во СОУ „Кузман Јосифоси – Питу“, додека во СОУ „Ристе Ристески Ричко“ нивниот број изнесува 356 ученици, во 11 паралелки.

Учениците кои се запишуваат во средните училишта, со себе треба да носат пријава која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за образование и наука, свидетелства за VI, VII, VIII и IX одделение, извод од матична книга на родени и диплома за највисоко освоено место на државни и меѓународни натпревари.

При уписот, задолжителна е дезинфекција, носење заштитни маски и држење растојание од два метра.

Според роковите од Конкурсот, вториот уписен рок е предвиден за 24 и 25 јуни, а третиот за 29 јуни.