Прилепските пожарникари го одбележаа Денот на пожарникарството

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Прилеп, денеска го одбележа
Денот на пожарникарството. По тој повод, прилепските пожарникари ги посети
градоначалникот Илија Јованоски, кој покрај честитките и признанието за нивната
пожртвувана работа, им посака во иднина да имаат што помалку работа.

„Во оваа прилика сакам да им упатам благодарност за нивната досегашна работа,
сигурен сум дека и во иднина ќе работат посветено, максимално професионално и
дека ќе одговорат на предизвикот кој им го носи професијата. Општина Прилеп се
грижи за нивниот статус и секогаш стои на нивна страна. Исто како и досега, ќе се
залагаме да ги добиваат сите средства кои им се неопходни за извршување на
нивната работа. Да кажам дека во постапка е набавка на ново противпожарно
возило, за кое две третини од средствата ги обезбеди Општина Прилеп“, изјави
градоначалникот Јованоски.

Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп ја истакна поддршката која ја имаат
од локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски, но истовремено
предупреди на драстичниот пораст на пожари на територијата на општина
Прилеп.

„Од почетокот на годината до денеска, на територијата на општина Прилеп
регистрирани се 350 пожари. Со оглед на статистиката од минатите години, се
покажува дека бројот на пожари е драстично зголемен, некаде за околу 150 отсто.
Во оваа прилика сакам да упатам апел до граѓаните за нивна поголема свесност,
за да не се случуваат пожари со поголеми последици, за кои причината е
човечкиот фактор, односно поголемиот дел од нив се намерно подметнати“,
нагласи Стојчески.

Благдарност до Општина Прилеп, до градоначалникот и прилепските фирми кои
го помагаат функционирањето на ТППЕ и кои помогнаа во одбележувањето на
денешниот ден, упати првиот човек на синдикалната организација, Зоран
Граороски.