Прилеп живее со карневалот „Прочка 2018“

Проследете ги низ фотографии, маските што основците и средношколците од целата општина ги подготвија под менторска палка на своите наставници и професори, по повод „Прочка 2018“. Забавата продолжува утре на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, со детски карневал, во којшто се вклучени исто така сите основни и средни училишта во Прилеп. Бидете и вие дел од забавата во карневалски Прилеп!

Со традиционалната изложба на рачно изработени трaдиционални маски, што
се одржа во центарот за култура „Марко Цепенков“, денеска почна
меѓународниот карневал „Прочка 2018“, во Прилеп. Градоначалникот, Илија
Јованоски беше меѓу првите посетители на изложбата со над 700 креации, што
ги изработија учениците од сите основни и средни училишта во градот и
населените места.

„Денеска официјално почна меѓународниот карневал „Прочка 2018“, со
изложбата на маски на учениците од нашата општина. Избрани се три типа
маски со по три награди за прво, второ и трето место, а учениците што ги
изработија ќе добијат и парични награди. Утре, на детскиот карневал, што ќе
започне во 12:30 часот ќе продефилираат сите поединечни и групни маски со
учениците од основните училишта во градот. А, во недела во 13:00 часот ќе се
одржи главниот настан „Прочка 2018“. Оваа манифестација ќе продолжи во
хотелот „Липа“ со забава под маски, со што ќе ја заокружиме програмата на
годинешниот карневал“, изјави градоначалникот Јованоски.

Меѓу тројцата наградени ученици за прво место е ученикот Иван Крстески од
СОУ „Ѓорче Петров“. Тој изработил маска којашто ги претставува четирите
годишни времиња во огледало.
„Маската ја правев две недели и за неа добив прва награда“, рече Иван.

„Јас направив ‘веницијанска маска’ со природни материјали. Ја правев една
недела со помош на наставникот по ликовно образование“, рече Димитар
Илиески, ученик од ОУ „Блаже Конески“.

„Во овој изложбен простор во центарот за култура, сведоци сме на повеќе од
700 креации на нашите креативни ученици од основните и средни училишта од
градот. Комисијата од повеќе наставници по ликовна уметност работеше до
доцните часови, за да ги избере и награди најдобрите маски“, рече Снежана
Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

Жири комисијата одлучи да ги награди маските, што ги изработија овие
ученици: Димитар Илиоски од 8-5 одделение од ООУ „Блаже Конески“, Иван
Крстески од 1-1 одд. од СОУ „Ѓорче Петров“ и Давор Степаноски од СОУ „Орде
Чопела“, кои се добитници на прва награда. Втора награда добија учениците од
дневниот центар „Ѕуница“, потоа Андреа Мирческа од ООУ „Кирил и Методиј“,
од населеното место Подмол и Александар Гулабоски, ученик во гимназијата
„ Мирче Ацев“. Третото место им припадна на учениците: Марија Долеска од 8-2 одделение од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Семих Келенкоски од ООУ
„Кирил и Методиј“ од н.м. Канатларци и Филип Трајкоски од 4-3 клас од
гимназијата „ Мирче Ацев“.